Македонија
31. January 2026 - 16:35

Утре стартува Сејф сити, казните за возачите ќе бидат од 15 до 500 евра и одземање возачки дозволи

Од утре, официјално камерите на улиците почнуваат да гледаат се, Сејф сити почнува со работа, а денес е последниот ден кога возачите што брзаат, минуваат на црвено, возат со истечена регистрација или пракираат непрописно, ќе добијат само опомена.

Од утре, опомените завршуваат, а казните почнуваат, од 15 до 500 евра, па дури и одземање возачка дозвола.

Сејф сити системот започнува со работа во Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите осум и десет. Во првата фаза на системот ќе се детектираат само четири прекршоци.

-Системот „Безбеден град“ е исклучително важна инвестиција во безбедноста на сите граѓани и целата држава, ќе спасува човечки животи, ќе го регулира сообраќајот, а ќе ги санкционира сите оние кои не сакаат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи на сопствена штета и штета на другите учесници со сообраќајот. Камерите се поставени на критичните сообраќајни точки каде често се случуваат сообраќајни прекршоци.

Сообраќајната култура е значитело променета изминативе два месеци откако сејф сити беше на тест период велат граѓаните. Се вози поспоро, се почитуваат правилата, но и самите возачи морале да го променат начинот на кој возеле до сега.

И додека ресорното министерство уверува дека се е подготвено пред самиот старт, сепак остануваат нејаснотии за граѓаните. Онлајн апликацијата која ја најави МВР каде ќе може да се провери историјата на сторени прекршоци, како и податоците за возачот и возилото е делумно функционална.

На некои им успева да се регистрираат, на некои не, па ќе мора тоа да го прават на отворените шалтери на МВР. Но тука проблем имаат и фирмите кои имаат службени возила, и не можат да пристапат до апликацијата.

Дополнително се отвора и прашањето што ќе се случува со поголемите прекршоци кои ќе треба да одат и пред прекршочниот суд, кои работи со ист број на судии и капацитети, а предвидувањата се дека бројот на предмети со стартот на Сејф сити драстично ќе се зголеми, со оглед на стотиците илјади прекршоци кои беа евидентирани дури траеше тест периодот на системот.