Македонија
2. February 2026 - 16:36

Македонски мозоци во Њујорк: Помеѓу врвната наука и контроверзните документи на Епстин

Македонија со децении се соочува со „одлив на мозоци“ но во науката овој термин имал и буквално значење. Дека од земјава се извезувале мозочни ткива од починати граѓани за научни цели, открија преписките од досието на починатиот американски милијардер Џефри Епстин.

Станува збор за проект во кој од средината на 90-те па се до 2016-та, Институтот за судска медицина во Скопје соработувал со престижниот Универзитет Колумбија во САД. Под водство на професорите Алексеј Дума и Горазд Росоклија, Македонија стана клучна база за американските истражувачи. Универзитетот собирал мозочни ткива од починати лица кои страдале од шизофренија и депресија, а во најголем дел извршиле самоубиства. Но нашата држава не била само извозник, туку и рамноправен партнер во светските научни достигнувања, тврди за Сител професор Дума.

За сите примероци биле испочитувани домашните и меѓународните закони и етички норми, дециден е професорот. Тој додава дека придобивките за македонската наука се огромни. Институтот добил нова опрема, современи лаборатории и меѓународен углед, а нашите истражувачи објавиле десетици трудови во најпрестижните светски списанија.

Клучниот мост меѓу Скопје и Њујорк бил професорот Горазд Росоклија, светски признат научник кој од 1992 година предава на Колумбија. Во писмена изјава за Сител, професорот Росоклија ги отфрла сите наводи за контроверзии, посочувајќи дека станува збор за легален и транспарентен проект. Тој истакнува дека истражувањето донело сериозни инвестиции и знаење во македонската невронаука и не гледа потреба да се брани од интерпретации на луѓе кои не ја познаваат суштината на истражувањето.

Македонија, според објавата била избрана бидејќи имала висока стапка на обдукции и квалитетен кадар, но недоволно ресурси, додека САД располагале со напредна технологија, но имале недостиг од примероци. Темата ја разбранува јавноста откако името на нашата земја се појави во документите на американското Министерство за правда поврзани со случајот Епстин, фрлајќи сосема поинакво светло врз глобалната трага на македонскиот научен придонес.