Loading Video...
Свет
3. February 2026 - 12:18

Преглед на вестите од светот

Руските сили го нападнаа украинскиот главен град Киев со ракети рано утрово, а првичните извештаи велат дека станбени блокови и други згради претрпеле штета. Екипите за итни случаи беа на местото на настанот за да спроведе операции за пребарување и спасување по нападот. Нападите предизвикаа штета во пет области. Некои жители на Киев се засолнија во метро станица.

Предупредувањето за воздушен напад остана на сила повеќе од два часа. Напади беа пријавени и врз други украински градови вклучувајќи го и Харков, каде две лица се повредени.

Цените на нафтата на меѓународните берзи паднаа на 66 долари бидејќи инвеститорите беа уверени од сигналите од Вашингтон и Техеран дека се подготвуваат разговори за прекин на заканите со снабдувањето. На почетокот на новата недела, берзите ги смирија индикациите дека Иран и САД би можеле да седнат на преговарачка маса.

Техеран сака да преговара со цел што е можно поскоро укинување на санкциите. Средба на претставници на САД и Иран може да се одржи во Турција наредните денови. Анкара објави дека е подготвена да посредува.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави трговски договор со Индија според кој Вашингтон ќе ги намали дополнителните царини за индиските стоки од 25 проценти на 18 проценти откако индискиот премиер Нарендра Моди ветил дека Њу Делхи ќе престане да купува руска сурова нафта, објавија светските агенции.

Одлуката беше објавена по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Моди. Според американскиот претседател, Њу Делхи, исто така, се обврзал да ги „намали на НУЛА“ своите царини и нетрговски бариери против САД, како и да купи американска енергија, технологија, земјоделски и други производи во вредност од „над 500 МИЛИЈАРДИ долари“.

Според Трамп, Моди „се согласил да престане со купувањето руска нафта“ и се обврзал да купува „повеќе нафта од САД и евентуално од Венецуела“, напиша американскиот претседател во објава на социјалната мрежа. 

Првите палестински пациенти беа евакуирани од Појасот Газа во Египет преку преминот Рафа, откако тој повторно беше отворен, објави Ал Џезира. Неименуван египетски функционер изјави дека три амбулантни возила со болни и повредени Палестинци пристигнале во Египет и биле прегледани за да се утврди во која болница ќе бидат однесени. Отворањето на преминот Рафа е клучен чекор во прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, но е во голема мера симболично, бидејќи засега само на 50 Палестинци им е дозволено да преминат во двата правци дневно.

Преминот Рафа беше во голема мера затворен откако Израел го зазеде во мај 2024 година. Израел објави дека очекува бројот на премини да се зголеми доколку системот биде успешен.

Војници учествуваа во чистење на големиот снег во северните јапонски градови, а бројот на жртви од зимските бури достигна 30 лица. Властите се бореа да се справат со најтешките снежни врнежи во последните четири децении. Низ целата земја, повеќе од 100 лица се сериозно повредени. Снежните услови би можеле да ја намалат излезноста на националните избори што треба да се одржат во недела (8 февруари), првото гласање што се одржува во длабока зима по 36 години.