Македонија
3. February 2026 - 14:58

Усвоен извештајот за работата на Регулаторната комисија за домување од 1 јули до 31 декември 2025 година

Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање денеска го усвои извештајот за работата на Регулаторната комисија за домување од 1 јули 2025 до 31 декември 2025 година.

Пред членовите на собраниската комисија, претседателот на Регулаторната комисија за домување Зоран Маџовски истакна дека во моментов комисијата работи со три од вкупно пет членови и со два административни службеници, од девет колку што треба да бидат вработени во тоа регулаторно тело.

-Постојаниот состав на комисијата во моментов има претседател и два членови, иако треба да има вкупно пет членови. Со систематизација која е на сила треба да имаме 9 административни службеници и едно техничко лице, а во моментов во Комисијата има два административни службеници и едно техничко лице. За нашите барања за нови вработувања сеуште немаме согласност од Министерството за финансиси, посочи Маџовски.

Претседателот на Регулаторната комисија за домување Маџовски, потсети дека Комисијата е надлежна за Законот за домување, а од  5 август 2025 година донесени се измени на Законот за домување кои како што рече, придонесоа за нови позитивни промени и надлежности на Комисијата и се во прилог на поквалитетно домување на граѓаните.

-Со измените во законот се овозможи да бидат донесени и подзаконските акти кои ние како Комисија ги донесовме на 13 ноември 2025 година и се на сила. Со овој закон, Управителите кои се занимаваат со управување на колективните станбени згради имаат задача во рок од 6 месеци од донесувањето на законот да се прилагодат и да го применуваат. Тој рок за адаптација завршува на 13 февруари оваа година. Новина, односно нова надлежност на Комисијата е можноста да врши увид и проверка во работењето на субјектите кои вршат дејност согласно овој закон и доставува предлог до надлежните органи за преземање постапки. Ние досега како регулаторно тело немавме можност да вршиме контрола на управителите, тоа досега го вршеа само општинските инспектори за домовуање кои не се под наша надлежност и се именувани од општините. Со измените во законот, ингеренциите на регулаторната комисија во тој поглед се зголемија. Исто така, новина е тоа што Комисијата ќе организира обука за управителите, првата ќе се одржи на 10 февруари, со што ќе се исполни условот сите лиценцирани управители да имаат обучено лице, со сертификат издаден од Комисијата и на тој начин ќе може тоа да управува, во спротивно ќе соочи со одземање на лиценцата.

Регулаторната комисија за домување очекува во наредниот период да ги зголеми сопствените приходи од надоместокот за доделувањ на лиценца која досега се наплаќала по 150 евра, а од сега со новиот закон ќе се наплаќаат по 1.000 евра.

-Комисијата согласно закон врши категоризација на становите во колективните згради, но тука имаме голем проблем бидејќи за оваа активност во комисијата треба да има посебно Одделение со стручни лица кои треба да се вработат. Досега не сме добиле согласнот за вработување, а со самото тоа одделението неможе да се формира. Но, тоа е многу битно затоа што непосредно е врзано со Законот за катастар и со категоризација на становите точно ќе се знае каков стан се добива при купопродажба или наследување, односно категоризиран стан овозможува точна даночна основица за оданочување. Тоа одделение треба да профункционира, истакна претседателот на Регулаторната комисија за домување Зоран Маџовски.

Членовите на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање без забелешки го усвоија извештајот за работата на Регулаторната комисија за домување од 1 јули до 31 декември 2025 година.

МИА