ЕБОР го откочи процесот за БРТ: Колку нови автобуси ќе има за скопјани?
Конечно откочен процесот за БРТ.
Утрово на адресата на Град Скопје стигнало писмо со кое Европската банка за обнова и развој дава зелено светло за продолжување на проектот кој треба да ги намали нервозите на граѓаните со јавниот превоз. На потег се советниците, кои имаат време до март да направат измени во планот за јавни набавки и да се формира проектна единица.
„Од ЕБОР утринава ни е стигнато писмо со коешто конечно се откочува и го продолжуваме проектот поврзан со БРТ и изградба на истиот. Она што нас ни следи како обврска и треба да го испорачаме е да формираме проектна единица за многу скоро време и да направиме измена во планот за јавните набавки“, изјави градоначалникот на Град Скопје“, Орце Ѓорѓиевски.
ЕБОР во 21-та година одобри кредит од 70 милиони евра за Скопје за проектот БРТ. Неговата реализација се одложуваше поради низа несогласувања и расправии во Советот и институциите. Ѓорѓиевски денеска кажа дека двата процеса од првата фаза од проектот ќе се одвиваат паралелно. Првата фаза предвидува обезбедување на трасата, стојалиштата и 35 автобуси и чини 44 милиоини евра. 22 милиони се предвидени за втората.
Кога ќе стигнат новите автобуси и колку вкупно? Ова прашање ја вжешти денешната седница на Град Скопје. Опозицијата го обвини градоначалникот дека не почитува рокови на ветувањата кои ги дал. Тој пак најави 130 нови, до крајот на годината.
Досегашната историја на набавката на автобуси не е нешто со кое градските власти може да се пофалат. Во последната деценија се набавени вкупно шест автобуси, кои ги чинат скопјани 10 милиони евра.
Се уште не се целосно исплатени. Ѓорѓиевски лани најави дека овој март ЈСП ќе се појача со 80 нови автобуси, но ветувањето пропадна заедно со тендерот на Министерството за транспорт кој го распиша во јуни 2025-тата година за набавка на вкупно 120 автобуси, од кои 80 требаше да бидат за потребите на скопјани. Тогаш конкурирала само една фирма која не ги исполнувала условите, затоа тендерот беше неуспешен.
Денеска градоначалникот изјави дека Скопје ќе добие вкупно 130 нови автобуси. 30 како дел од проектот БРТ, а 100 кои Владата ќе ги набави со парите кај кои се задолживме кај унгарската влада. Со стоте електрични автобуси, најавени се и 50 полначи.
Очекувања на властите се дека најголемиот дел од автобусите да бидат пуштени во сообраќај до крајот на годината.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
