ССМ утре ќе го блокира Собранието, пратениците на работа ќе одат пеш
Работниците утре ќе протестираат, а пратениците ќе пешачат. Парламентот ќе работи вообичаено и покрај најавените блокади од Сојузот на синдикати. Затворени ќе бидат двете улици, а целта, според синдикатите, е пратениците да не стигнат со службените возила, туку да поминат покрај работниците и „да ги погледнат во очи“.
Собранискиот спикер Гаши утринава побарал од координаторите на пратеничките групи да им кажат на пратениците да си најдат начин утре да стигнат на своето работно место без да биде нарушено правото на протест. Направена била координација и со началници на МВР за безбедносна проценка на ситуацијата.
Блокадите ќе почнат во 9 часот, околу еден час порано пред да почнат пратеничките активности.
Како што кажа Гаши, на средбата со координаторите не зборувале за барањата на синдикатите - минимална плата од 600 евра и кратење на функционерските плати за 80% .
-Пратениците се уште се прават глуви и слепи на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата и сите останати плати, но пратениците се прават глуви и слепи за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80%. Или да си ја намалат основицата за пресметка на плата, од просечна на минимална плата, да дојдат и тие на минималец па потоа да зборуваат колку е добро во Македонија да се живее со минимална плата, како и да ги намалат нивните коефициенти на сложеност – кажа претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Премиерот вчера најави дека коефициентите за пресметка на функционерските плати и оваа година ќе се намалуваат за да не дојде до нагло зголемување од над 200 евра. Претходно Мицкоски рече дека иницијативата на ССМ е неуставна и незаконска.
-Јавно ги прашуваме како ќе биде уставно и законски да ги намалат коефициентите на сложеност за 9,2%, а да не ги намалат за 80%? Како 9% ќе биде уставно и законски, а 80% е неуставно и незаконски? – праша Трендафилов.
На утрешниот протест ќе дојдат и членови на УПОЗ, иако вчера се договорија со Владата за етапен раст од 40% на платите на 11 илјади вработени во државата управа, судовите и обвинителствата.
-Утре синдикатот на УПОЗ ќе биде во првите редови заедно со претседателот Трпе Деаноски и ќе даваат поддршка од една причина: основна компонента на платите на вработените во правосудството е минималната плата. Доколку таа се зголеми за 200 евра, нивните плати ќе се зголемат за 200 евра – изјави Трендафилов.
Од СДСМ, пак, велат дека власта ги оставила работниците сами во „борба за гол опстанок“.
-Наместо да го прифати предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра за сите работници, владата склучи селективен договор кој опфаќа само околу 10.000 административни службеници. Притоа целосно се игнорирани останатите јавни службеници и останатите илјадници работници во приватниот сектор – стои во соопштението на СДСМ.
Освен Собранието, синдикатите во четврток ќе ја блокираат стопанската комора, а следниот вторник ќе протестираат пред Владата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
