Македонија
10. February 2026 - 16:53

Пратениците пешки, со автобус или два часа порано на работа поради блокадите на ССМ

Со блокади на двата влеза за автомобили, Сојузот на синдикати протестираше пред Собранието. Точно во 9 часот, по 21 работник застанаа и на двете улици.

- Блокираме за да не можат да дојдат со своите возила на работа како што идат. Да не можат да наплатат трошоци за превоз како да трошат керозин и да мора да дојдат пешки или со јавен градски превоз на своите работни места - рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Иако добар дел од пратениците подраниле и за седницата која почна во 11 часот дошле на работа уште пред 9, сепак, желбата на синдикалците се исполни.

- Па јас често одам пешки. Денеска со автобус, така што не ми е првпат – изјави Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

- Да, денес пешачевме. Не мереме чекори, околу 2 километра – кажа Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.

И додека пратениците на топло чекаа да почне седницата, работниците на студот ги повторија барањата – 600 евра минимална плата и 100 евра зголемување на сите останати плати. 

„Ние ако требаше да се договориме со работодавачите, немаше ни да бараме од Владата поддршка.“

„На објаснувањата што ги даваат веќе никој не им верува, многупати се покажало дека тоа се само лажни изговори.“

„Една девиза од Кемал Ататурк којашто вели: ‘ниеден пратеник не смее да зема поголема плата од наставниците’.“

ССМ останува и на својата иницијатива за кратење на функционерските плати за 80% преку промена на формулата за пресметка. Наместо просечна, основица да биде минималната плата, а бодот за сложеност да си го намалат за 40%.

- Пратениците сакаат работниците, нивните гласачи, да живеат и да тонат во сиромаштија. Тоа е срамно. Не осудуваа дека иницијативата на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти била неуставна, затоа што ќе дошле на минималец. Па сфатиле колку тешко ќе живеат на минималец, па затоа сметаат дека е неуставно да им се намалат нивните и онака високи пратенички плати – истакна Трендафилов.

Блокадата на Собранието беше прва од најавените три. Веќе во четврток ќе се соберат пред Стопанската комора, а следниот вторник ќе одат пред Владата, затоа што тогаш се одржуваат седници. Ако овие активности не дадат резултат, следниот чекор на синдикатите е генерален штрајк.