Укинување на дискреционото право на директорите при вработување медицински кадар помина на Комисијата за здравство

Укинувањето на дискреционото право на директорите на избор при вработување медицински кадар во јавното здравство, помина на денешната 12. седница на собраниската Комисија за здравство. Предлог законот за дополнување на Законот за здравствена заштита по скратена постапка, се проследува на пленарна седница на парламентот.
Пратеничката Јована Мојсоска од Левица рече дека станува збор за измена на Законот за здравствена заштита. Таа истакна дека во минатото имало негативна пракса при што се користело правото на директорите на здравствените установи, при вработување на медицински кадар.
- Ова дискреционо право се покажа како погубно, а беше критикувано и од медиумите, дека не се вработуваат најдобро рангираните кандидати од медицинскиот кадар, туку се вработуваат пониско рангирани кандидати. Со тоа се доведува во прашање и квалитетот на здравствениот систем. А квалитетот и интегритетот на кадарот мора да бидат највисока вредност. Сметаме дека со укинување на ова дискреционо право на директорите, за што има и автентично толкување дека претставува еден вид на дискриминација, конечно ќе биде исправена една неправда. Со тоа значително ќе се подобри здравствениот систем, што, особено во јавното здравство е на стаклени нозе, за што покажуваат и податоците, додаде Мојсоска.
Таа сподели дека државава во 2024 година изгубила над две илјади медицински сестри, секоја година се губеле над двеста лекари.
- Нормално дека причината за тоа сигурно не е само во дискреционото право на директорите, туку се работи за еден системски проблем поради што врвни медицински кадри наместо тука, лечат во странство. Сметаме дека сепак укинувањето на ова дискреционо право на директорите, е еден мал чекор кон подобрување на јавното здравство и задржување на најквалитетниот медицински кадар, подвлече Мојсоска.
Александра Николовска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, изрази задоволство што нејзиното прво обраќање пред оваа комисија е токму на тема од нејзината стручна област. Затоа што, како што истакна, здравството, како клучен показател за развојот и благосостојбата на една држава, не смее да зависи од поединечна волја, туку мора да биде засновано врз јасни и еднакви правила за сите.
- Овој предлог-закон навлегува директно во суштината на довербата - и во јавното здравство, и во институциите. Начинот на вработување на здравствените работници не е техничко прашање, туку суштинска системска корекција што воведува транспарентни, објективни и мерливи критериуми. Ова го зборувам и од лично искуство. Како доктор, кој од неодамна го помина целиот процес за вработување, добро знам колку е важно оценувањето да се темели исклучиво на знаење, стручност и резултати, а не на субјективни одлуки, нагласи Николовска.
Таа подвлече дека тоа е особено значајно за младите лекари, кои вложуваат години труд и очекуваат фер и правичен третман.
- Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за овој закон е дел од нашите пошироки заложби за поедноставување на процедурите и за воспоставување систем на транспарентност, отчетност и одговорност во јавниот сектор. Ние веруваме во држава што подеднакво го вреднува трудот и квалитетот на секој еден граѓанин, додаде Николовска.
Според неа, со усвојувањето на овој закон, се испраќа јасна порака дека јавниот интерес е над индивидуалните и партиските интереси и дека квалитетот мора да биде единствениот критериум што одлучува.
- Дополнително, ми претставува чест што сум дел од пратеничката група што неуморно работи за темелна реформа и подобрување на целокупниот здравствен систем, и што паралелно подготвува и нови закони во оваа област што ќе бидат прикачени на ENER. Со ова, ќе ги регулираме прашањата поврзани со вработувањата како начин за поддршка за најдобрите студенти, како и начинот на селекција на специјализантите, и многу други суштински реформи што ќе изградат квалитетен и одржлив здравствен систем. Затоа, го поддржуваме овој предлог-закон и повикуваме на негова поддршка, во интерес на здравствените работници и на граѓаните, нагласи Николовска.
Како предлагачи на предлог-законот се потпишани пратениците Амар Мециновиќ, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Јована Мојсоска, Реџеп Исмаил и Сашко Јанчев.
МИА
Ново на Сител
-

ДИК едногласно усвои шест одлуки на првата седница
-

Владата одлучи: Контрола на сите плантажи за канабис
-

СДСМ: 11 дена молк за марихуаната
-

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Заев ја претворија Македонија во нарко картел
-

Девизните резерви надминаа 5,6 милиони евра
-

Од почетокот на следната недела заладување и врнежи од снег на повисоките места
-

Гаши: Ревизорските извештаи бараат суштинско разгледување, Собранието ќе ги зајакне механизмите за надзор
-

Укинување на дискреционото право на директорите при вработување медицински кадар помина на Комисијата за здравство
