Македонија
13. February 2026 - 12:32

САД и Македонија со договор за реципрочна, фер и балансирана трговија

Соединетите Американски Држави и Македонија постигнаа рамковен договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, соопшти Белата куќа.

Главната цел на договорот е да се зголеми трговијата и да се овозможи полесен пристап на компаниите до двата пазара. 

Според договореното, Македонија ќе ги укине сите царински давачки за американските индустриски и земјоделски производи. Од друга страна, САД ќе ја задржат постојната царина од 15 проценти за македонските производи, но за одредени производи е можно да се воведе нулта царинска стапка. По финализирањето на договорот, двете страни може дополнително да разговараат за измени на тарифите.

Договорот предвидува и решавање на т.н. нетарифни бариери – административни и други ограничувања што можат да ја отежнат трговијата. Ќе се одржуваат консултации за да се подобри пристапот на американските земјоделски производи на македонскиот пазар.

Во делот на енергетиката, се истакнува значењето на новиот гасен интерконектор со Грција, кој треба да ја зголеми енергетската сигурност на земјава. По неговото завршување, Македонија ќе започне со увоз на течен природен гас од САД.

Договорот опфаќа и обврски во областа на заштитата на животната средина, интелектуалната сопственост, трудовите права и дигиталната трговија. Македонија се обврзува да не воведува данок на дигитални услуги и да го поддржи трајниот мораториум за царини на електронски преноси во рамките на Светската трговска организација.

Премиерот Мицкоски на својот ФБ профил напиша: 

„По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија. Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција. Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“ – стои во објавата на премиерот.

Се огласи и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

- Станува збор за конкретен и мерлив успех за македонската економија. Оваа заедничка изјава им обезбедува на нашите компании конкурентска предност, јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на еден од најголемите пазари во светот – вели Муцунски.

Македонија се позиционира како доверлив партнер, ориентиран кон економски раст, напредок, стабилност и модернизација, напиша на социјалните мрежи министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. 

- Со САД подолго време работевме на усогласувањето на Заедничката изјава и рамката за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија. Со ова, правиме важен исчекор во зајакнувањето на билатералната економска соработка и отворањето на американскиот пазар за македонските компании. Соработката во сајбер безбедноста, дигитализацијата и партнерствата во пронаоѓањето на нови технологии беа еден од столбовите на овој заеднички потфат – вели Андоновски. 

Како што стои во известувањето од Белата куќа, во наредниот период, двете држави ќе работат на финализирање и потпишување на договорот, по што ќе следуваат и домашните процедури за негово стапување во сила.