Починала во 2006-та, а во декември родила дете
Жена од Тетово се породила во декември, а била пријавена за почината уште во 2006-та година. Институциите истражуваат како дошло до ситуацијата жената да се води 20 години како починато лице, а никој да не забележи?
Официјалните информации од МВР се дека на 21.01.2026 во Центарот пристигнало известување од Управата за водење матични книги дека на 08.12.2025 во Клиничка болница Тетово е родено женско дете од мајка А.С.(27), а при постапката за регистрирање на новородено дете во евиденциите на Управата мајката се водела како почината на 21.10.2006.
По преземени мерки и испратени покани, на 12.02.2026 лицето А.С. се појавила во Центарот за социјални работи со новороденото дете заедно со едно машко лице, но не приложиле никаков документ за идентификација. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.
Според неофицијалните информации, мајката откако се породила, болницата испратила информација до Управата за матични книги, но таму откако тргнале да го заведуваат новороденчето сфатиле дека во нивната евиденција стои дека мајката е почината уште пред 20 години.
На умреницата пишувало дека жената е почината во Скопје. Таа во моментов има 27 години, со што според документот таа починала на нејзини седум години.
Известен е јавен обвинител и дадени се насоки да се извршат сите проверки. Случајот засега се води како фалсификување на исправа.
Но истрагата треба да покаже дали станува збор за институционална грешка или злоупотреба на документи на починато лице од страна на мајката за да ги избегне породилните трошоци.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
