Македонија
13. February 2026 - 16:41

Цвета Ристовска поднесе оставка во ДКСК

Оставка во Антикорупциска. Членот на комисијата, Цвета Ристовска, денеска го информирала претседателот на Собранието дека поднесува оставка. Причина да замине од функцијата, бил, како што наведува, сомнежот на јавноста за нејзината работа како член на ДКСК.

„По недели јавни полемики и сомнежи во врска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на ДКСК“, напишала Ристовска во својата оставка..

За оставката, Ристовска го информирала и претседателот на комисијата Чучуљ. По бројните реакции за нејзината работа, тој оценува дека е позитивно што Ристовска ја напуштила Антикорупциската комисија.

„Мислам дека е ова позитивен исход на целата ситуација и јавниот притисок кој го имаше ДКСК. Мислам дека е ова позитивен чин од нејзина страна тоа што се повлече и сметам дека Комисијата непречено ќе продолжи да работи“, изјави Адем Чучуљ, Претседател на ДКСК.

Оставката доаѓа откако во јавноста се појавија информации дека Ристовска во анкетниот лист не ги пријавила фирмите на своите деца, кои за време на изборите добиле и десетици илјади евра од политички партии за маркетинг услуги.

Ристовска се бранеше дека бизнисите не ги пријавила затоа што нејзините деца не живеат со неа. Во оставката пак наведува дека станувало збор за можен административен пропуст, а не намера за прикривање. 

„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски“, наведува Ристовска во нејзината оставка.

Работата на Ристовска се најде под лупа и на самата Антикорупциска, и беа отворени два предмети, со кои според првиот човек на ДКСК, извесно било дека ќе завршат со барање за нејзино разрешување.

„Хипотетички кажано, евентуално утврдување за прекршување на одредбите од нашиот закон, исходот би бил известување до собраните, а тие два основи се можност за разрешување, значи непријавување имотна состојба и одлучување во состојба на судир на интереси. Со оставката, самите предмети ја губат смислата“, вели Чучуљ. 

Од Левица која обелодени дека Ристовска не ги пријавила фирмите на децата, велат, нејзината оставка е признание за изнесените скандали.