Што ќе донесе договорот меѓу САД и Македонија?
Отворена врата за повеќе американски производи кај нас и шанса за поголем простор за македонските компании во еден од најголемите светски пазари - рамковниот договор за реципрочна, фер и балансирана трговија меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија прави трговски мост преку Атлантикот.
Според договореното, Македонија ги укинува сите царини за американските индустриски и земјоделски производи. Од друга страна, САД ќе ја задржат царината од 15% за дел од македонските производи, но за некои ќе воведат нула проценти. Ова за домашните фирми ќе значи повеќе нарачки и повеќе пари. По финализирањето на договорот, двете страни може дополнително да разговараат за измени на тарифите.
Ќе се расчистуваат административните пречки што ја отежнуваат трговијата, а ќе се разговара и за подобар пристап на американските земјоделски производи на македонскиот пазар.
Во делот на енергетиката, се истакнува значењето на новиот гасен интерконектор со Грција, кој треба да ја зголеми енергетската сигурност на земјава. Кога ќе биде готов, Македонија ќе започне со увоз на течен природен гас од САД.
Министерот за надворешни работи, Муцунски, смета дека договорот е важен и значаен исчекор во економската соработка со Соединетите Држави.
- Ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до 0% реципрочна тарифа. Со други зборови, за дел од клучните индустрии и производи, тарифите ќе се намалат до нула. Станува збор за конкретен и мерлив успех за македонската економија. Оваа заедничка изјава им обезбедува на нашите компании конкурентска предност, јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на еден од најголемите пазари во светот – кажа Муцунски.
Трговски претставник во администрацијата на Трамп, Џејмисон Грир му се заблагодари на Муцунски.
- Трговската агенда на претседателот Трамп ги продлабочува нашите трансатлантски врски со клучен партнер во балканскиот регион. Му се заблагодарувам на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, за неговиот конструктивен ангажман за ребалансирање на нашите трговски односи и создавање нови можности за американските работници и бизниси – истакна Грир.
Премиерот Мицкоски оцени дека ова е продлабочување на стратешко партнерство со САД.
- Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција. Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници – напиша тој на ФБ.
Договорот опфаќа и обврски за заштитата на животната средина, како и дигиталната трговија. Македонија се обврзува да не воведува данок на дигитални услуги и да го поддржи трајниот мораториум за царини на електронски преноси во рамките на Светската трговска организација.
Македонија се позиционира како доверлив партнер, ориентиран кон економски раст, напредок, стабилност и модернизација, напиша на социјалните мрежи министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
- Соработката во сајбер безбедноста, дигитализацијата и партнерствата во пронаоѓањето на нови технологии беа еден од столбовите на овој заеднички потфат – вели Андоновски.
Како што стои во известувањето од Белата куќа, во наредниот период, двете држави ќе работат на финализирање и потпишување на договорот, по што ќе следуваат и домашните процедури за негово стапување во сила.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
