Македонија
13. February 2026 - 21:15

Германскиот канцелар Мерц со порака до земјите кандидати за ЕУ – Не сакам да ве изгубам, Македонија бара достоинствен процес за влез

Германскиот канцелар Мерц со јасна порака кон земјите кандидати за ЕУ - „не сакам да ве изгубам“. На Минхенската безбедносна конференција признава дека се чувствува се понепријатно поради неможноста Унијата да постигне значаен напредок во процесот на пристапување, посебно кон земјите од Западен Балкан.

-  Мораме повторно да отвориме нова стратегија како да ги приближиме овие земји кон ЕУ. Вие сте дел од европскиот континент и затоа потенцијално сте дел од Унијата, порача Мерц.

Македонија останува посветена на европскиот пат, затоа заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски, а не на билатерални условувања, му порачал премиерот Мицкоски на претседателот на Европскиот совет,  Кошта. 

- На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани.

Премиерот посетата во Минхен ја искористи и за средба со германскиот гигант Шварц Груп, под чија капа работат познатите брендови Лидл и Кауфланд. Отворена е вратата домашните, македонски компании да ги пласираат своите производи во големите европски синџири, вели премиерот.

- Разговаравме за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја. Шварц е една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата „Шварц“ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија, изјави премиерот Мицкоски

Нови инвестиции се најавени од 3 мобилен оператор 4ИГ.

- Разговаравме за пакет од 100 милиони евра инвестиции, освен во телефонијата и во сферата на вештачката интелигенција и енергетиката. Планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква област, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија.

Владината делегација и во следните два дека ќе престојува во Минхен, каде планирани се уште многу состаноци.