Одбележување Св. Трифун и закројување на лозјата во винаријата „Монтеко“ во Кратово
Со молитва, благослов и традиционално закројување на лозјата по повод празникот Свети Трифун, во кратовскиот регион симболично започна новата винска сезона. Свештеникот ги освети лозовите насади, а лозарите со првите засечени гранки ја најавија надежта за родна и успешна година.
Монтеко годинава акцентот е ставен на развој и проширување. Покрај постоечкиот насад од 5,5 хектари каберне совињон, винаријата располага со над 30 нови хектари лозја со разновидни сорти вранец, со што значително се зголемуваат производствените капацитети.
Паралелно со работата на лозје, винаријата активно го засилува и своето меѓународно присуство преку учество на водечки европски вински саеми.
Од мала семејна винарија, Монтеко прераснува во вистинска винска приказна со околу 40 хектари лозови насади и над 200 илјади литри сортно вино. Додека тука во кратовските лозја, започнува новиот производствен циклус, вината од овој регион веќе го наоѓаат своето место и на европските и на светските пазари.
Закројувањето не е само традиција туку почеток на нов циклус, завет на лозарите дека и оваа година од оваа специфична вулканска почва на 600 метри надворска височина од плодот ќе потечат најквалитетните капки вино.
Во секое засекување на лозата се крие искуството на генерации, но и визијата за модерно производство и нови пазари. Со спој на традиционално лозарство и современа технологија, кратовскиот регион сè посигурно го гради своето место на винската мапа.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
