Македонија
15. February 2026 - 16:28

За околу 2 месеци се очекува да заврши измената и дополнувањето на текстуалниот дел од ГУП за Прилеп

За околу 2 месеци се очекува да заврши измената и дополнувањето на текстуалниот дел од ГУП за Прилеп, со што овој план кој веќе застарен од 2023 година, ќе се усогласи со ДУП-овие кои се во процес на изработка со што се очекува оваа година конечно да се откочи процесот на издавање градежни дозволи.

Овој процес беше прилично стопиран во последните 8 години така што и приходот на такси по овој основ за Општината беше сведен на минимум.

„Тоа би овозможило сите оние детални урганистички планови кои се во постапка на донесување, заради самата констелација на генералниот урбанистички план има потешкотии во нивното донесување, со ова донесување на измена на генералниот план во текстуалниот дел, со дополнување на текстуални одлики кои би биле во корист на донесување на планови кои се во постапка. Со тоа би се створиле услови за издавање на повеќе одобренија за градење“, истакна Илија Беличоски, раководител на Сектор за урбанизам при Општина Прилеп.

Ако лани имало издадено околу 100 градежни дозволи, годинава се очекува според Секторот за урбанизам тој број да се дуплира. Во моментов во фаза на донесување биле 18 ДУП-ови само за градот Прилеп, а ќе се донесле и 29 ДУП-ови за неговата околина и населените места.

„Интересот последниве денови морам да истакнам дека е зголемен и од физички лица, меѓутоа минатата година најмногу беше од правни лица за стопански објекти, за фотоволтаични централи, но како што знаеме со енергетските планови за општините за фотоволтаиците веќе капацитетот е исполнет и понатаму очекувам одобренијата за градба да бидат од сферата на индивидуалното, колективното домување и од стопанството“, додаде Беличоски.

Се работело и на изработка на нов ГУП за Прилеп, наскоро ќе бил распишан тенедер, а истиот се очекува да биде завршен за 3 години. До тогаш ќе важи стариот ГУП со новите измени.