СДСМ со нови обвинувања за тендери, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла како популизам
Антикорупцискиот тим на СДСМ со нови обвинувања за како што велат, сомнителни тендери доделени на фирма блиска до власта. Според нив, во изминатите две години, една компанија добила десетици договори вредни милиони евра, а институциите се уште молчат.
Од партијата велат дека постои сомнеж за наместени јавни набавки и бараат одговорност.
„74 тендери вредни 17,6 милиони евра за само две години добила оваа фирма, „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје. Наглиот раст на склучени договори започнува во 2024 година, продолжува 2025 па се до денеска. Само минатата година, 59 склучени договори, најголем дел од општини раководени од ВМРО – ОКГ. Симптоматично, вредноста на овие договори речиси целосно се поклопува со проценетата вредност на тендерите. Ова е основен сомнеж - индикатор за наместени тендери и јавни набавки “, изјави Александар Саша Димитријевиќ, СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека станува збор за популистички обвинувања и тврдат дека бројките треба да се споредат и со периодот кога СДСМ биле на власт.
„СДС што ги брои овие тендери последните две години, треба да ја прошири пресметката на изминатите години, кога тие биле на власт. И ќе дојдат до заклучок дека истата оваа фирма можеби и двојно повеќе тендери има добиено, кога институциите ги управувале СДС заедно со ДУИ. Така што, ова е едно популистичко обвинување“, изјави Бране Петрушевски, ВМРО-ДПМНЕ.
И додека од СДСМ најавуваат дека антикорупцискиот тим ќе продолжи со објавување на информации со барање за одговорност, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станувало збор за популизам и обид за дефокус на јавноста за како што велат, луксузирањата на поранешните функционери на СДСМ.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
