Македонија
17. February 2026 - 16:32

Протест на ССМ пред Владата

Едночасовната блокада на Сојузот на синдикати пред Влада ги натера премиерот и дел од министрите да пропешачат пред денешната владина седница.

Синдикатот со ултиматум, одлука за повисока минимална плата до крајот на месецот или голем протест и генерален штрајк во март. Дополнително, иако денешната блокада беше најавена како последна, ССМ вели – можно е да ги блокираат институциите и во градовите во внатрешноста

-Во наредниот период не ја исклучуваме можноста ваквите таргетирани протести со 21 човек на улица, за да не ги заокружуваат, за да не ги оцрнуваат и да не им се закануваат да продолжат и по градовите, по потреба. Таргетирани градови кадешто ќе предизвикаме функционерите и таму да не можат да се движат или да доаѓаат пешки на работа како што доаѓаа денеска, како што доаѓаа пред некој ден, како што доаѓаа и пред недела. Дополнително, оставаме простор до крајот на месец февруари да седнат и да се договорат и да кажат за колку пари ќе ја зголемат минималната плата и за колку пари се спремни да ги зголемат сите останати работнички плати затоа што немаат веќе апсолутно никакви аргументи, рече Слободан Трендафилов на блокадата пред Влада.

Од Владата уверуваат дека континуирано градат инклузивен дијалог со сите засегнати страни.

-Протестите се демократско право, но воедно потсетуваме дека Владата за првпат води конструктивен социјален дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет, каде што сите прашања се дискутираат јавно и транспарентно, во интерес на сите засегнати страни, со цел обезбедување на подобар животен стандард. Економско-социјалниот совет има ефикасна динамика на работа која подразбира средби со сите членови најмалку еднаш во месецот. Сепак, во преговорите синдикати дел од приклучените во иницијативата треба да делуваат независно и во вистински интерес на работниците наместо политички, велат од Владата.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека го поддржувале ССМ кога беа опозиција, а откако се на власт донеле неколку решенија за раст на платите.

-Две години откако ја водиме државата, фактите се следни: - Во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари по вработен. - Вработените во образованието добија колективен договор со кој тие во основното и средното образование ќе имаат од 46% до 60% повисоки примања во рок од четири години. - Вработените во високото обрасование добија покачување за минимум 14%  - Здравствените работници ќе добијат 40 до 50% повисоки плати во еден мандат, со склучениот колективен договор од оваа Влада. - Полициските службеници добија 10% зголемување. - Социјалните работници добија 20% повисоки плати. - Вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување преку посебни колективни договори, рече Стојаноски.

Денешната блокада на Владата беше трета во две недели. Претходно, работниците ги блокираа Собранието и Стопанската комора во обид да дојдат до договор за минимална плата од 600 евра и линеарно покачување на платите за 100 евра.

Владата се иззема од трипартитниот дијалог и остави на работниците и работодавачите самите да се договорат за евентуално зголемување на минималната плата.