Земјоделците (не)задоволни од новите построги правила за субвенции
Новите правила за субвенции станаа главна тема меѓу земјоделците – едни му дадоа поддршка на министерот Трипуновски, други побараа итно укинување.
Здружението „Фармери југозапад“ предлага и годинава да се применува ланската програма.
-Од новата програма треба да се прават корекции по сите ставки. За да не се прави тоа, бараме оваа програма да се укине, а да се субвенционираме според програмата од 2025 година. Потоа, во текот на годинава, ќе оформиме работни групи за секоја гранка и заедно со Министерството за земјоделство ќе ги изработиме субвенциите за 2027 година. Од ова предлог-решение сигурно нема да има попаметно и нема да има незадоволни - изјави Миле Кебакоски од здружението „Фармери југозапад“.
Од Националната земјоделска мрежа реагираат дека додека државниот буџет расте, субвенциите остануваат исти.
-Ако во 2015-та година сме имале буџет од 2,8 милијарди, сега имаме 6,8, тоа е малтене 300% зголемување на буџетот. Зошто по таа логика не се зголемат субвенциите 300%, односно сега да имаме некој фонд од 300 милиони евра за земјоделието, што ќе продуцира развој, ќе генерира производство на храна – кажа Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа.
Каракашев вели дека од околу 100 милиони евра планирани за субвенции, 52 милиони се за годинашното производство, а 46 милиони евра одат за исплата на заостанати долгови. Најави дека ќе бара средба со министерот за земјоделие и премиерот Мицкоски.
Трипуновски, пак, на ФБ објави дека веќе имал состанок со земјоделските здруженија и добил поддршка за реформите.
-Нашиот фокус е финансиската поддршка да биде насочена кон вистинските земјоделци, до луѓето што реално произведуваат и го движат аграрниот сектор. Продолжуваме со реформи за да имаме продуктивност, конкурентност и одржливо земјоделство – напиша Трипуновски.
Од Министерството за Сител велат дека на средбата покана испратиле и до Националната мрежа, но нивни претставници не се појавиле.
-Вратите на Министерството секогаш се отворени за сите земјоделци, земјоделски здруженија за да се дискутира – информираат од МЗШВ.
Новите критериуми предвидуваат повисоки прагови: најмалку три крави, 30 кози, 30 пчелни семејства, а кај лозарството – минимум пет декари. Се зголемуваат условите и за полјоделските и градинарските култури.
-Двајца браќа да имаат 20 декари земја ќе се делат по 10. На децата ќе им останат по 5 и нема право воопшто никој да конкурира на таа земја. Ова е мизерно. Ние се крстевме, мислевме дека ќе одиме нагоре, а се враќаме наназад – вели Борче Бучински, сточар.
Анализата на Министерството за земјоделие покажала дека реформите ќе го развијат секторот, ќе се зголеми продуктивноста и конкурентноста и ќе се унапреди домашното производство.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
