Македонија
18. February 2026 - 16:33

Кога ќе се научат фирмите дека се продаваат поскапи производи, тешко се враќаат назад, вели Димитриеска Кочоска

Цените не може да се стабилизираат преку ноќ, вели министерката за финансии. Според неа, поскапувањата почнале уште пред неколку години, поради ковидот, енергетската криза, војната меѓу Русија и Украина. Оцени дека многу порано требало да се реагира преку низа мерки, како на пример, да се користат стоковите резерви, а не само да се креваат платите за да се стигнат цените.

-Сега вие кога ќе ги научите фирмите дека за нивниот производ со повисока цена има продажба многу е тешко да ги вратите назад. И таа навика сега треба да ја враќаме назад и да ги одвикнуваме и тоа се случува но тоа не оди така едноставно. А храната е секогаш затоа што е најбарана. Ако зборуваме за козметички производ, логично е дека ако му е висока цената нема да го купиме, ама храна мора да купиме – кажа Димитриеска Кочоска.

Премиерот, пак, го повтори очекувањето дека инфлацијата годинава ќе падне под три проценти. Вели дека сме слични со регионот, освен Србија, која има пониска стапка поради замрзнатите цени, но кога ќе заврши мерката, и таму ќе има бран поскапување. Мицкоски најави и контроли, но и разговори со трговците.

-Како Влада ја споделуваме загриженоста на граѓаните. Глобалните движења, енергетските шокови и нестабилностите влијаат врз пазарите. Но, тоа не смее да биде алиби за неоправданите маржи и прекумерни профити на грбот на граѓаните. Ќе продолжиме со засилен мониторинг на цените на основните прехранбени производи, анализа на трговските маржи, координација со надлежните институции за спречување на евентуални злоупотреби, дијалог со трговците и производителите за стабилизирање на пазарот – истакна Мицкоски.

Државна статистика минатата недела пресмета дека за една година животот станал поскап за 3,2 отсто, а цените на храната пораснале за 5,2%.