Први притвори во Македонија за петте тони марихуана фатена во Србија
Кривичниот суд им определи притвор од 48 часа на двајца осомничени за запленетите пет тони марихуана во Србија. Иако нема детали за што конкретно се осомничени и како се поврзани со канабисот кој беше пронајден во близината на Крушевац, од Обвинителството за гонење организиран криминал велат:
-Како резултат на преземените дејствија и анализата на прибраните информации и докази, постојат основи на сомнение дека лицата преземале активности поврзани со запленетите 5 тони марихуана во Република Србија, поради што јавниот обвинител достави образложен предлог за определување краткотраен притвор.
Барањето на притворот е за јавниот обвинител да има доволно време за понатамошно постапување, особено во вакви сложени предмети од меѓународен карактер.
И од Кривичниот суд потврдија дека за две лица со иницијали А.И и Д.С е прифатен предлогот за краткотраен притвор од 48 часа поради постоење основи за опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување односно довршување на делото.
Од Обвинителството тврдат дека интензивно постапуваат во предметот, но за запленетите над 40 тони марихуана од Скопје и Струмица се уште нема осомничени лица, иако беше една од најголемите акции од овој тип на заплена во Македонија. Сопственикот на фирмата Алфафарм во Скопје од каде што беа запленети десетици тони марихуана беше приведен претходно како дел од групата осомничени во Србија каде беа пронајдени петте тони канабис.
Но за акцијата во Македонија се уште нема посочени одговорни лица, за канабисот кој според властите наместо за медицински цели, завршувала на нарко пазарот.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
