Македонија
19. February 2026 - 13:57

Кривична за злоупотреби против поранешни претседатели на Здружението на инвалиди на трудот - Штип

Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривични пријави против четири лица од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени продолжени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“.

Како што информира СВР Штип, пријави се поднесени против Ј.В. (83), В.Џ. (80) и Т.А. (68), поранешни претседатели на Здружението на инвалиди на трудот – Штип, како и против З.С. (44), вработена како секретар во Здружението.

-Првите тројца пријавени, во периодот од септември 2012 година до октомври 2024 година, во својство на претседатели на Здружението на инвалиди на трудот - Штип, дневниците кои четвртопријавената З.С. ги заработувала како секретар на Здружението, ги префрлале на трансакциска сметка на нејзината мајка за да не ѝ биде ускратено правото кое го имала на социјален детски и образовен додаток. З.С., со лажно прикажување на факти, го довела во заблуда и новиот претседател на здружението дека има долг кон нејзината мајка и во име на здружението склучила договор за отстапување на побарување со нејзината мајка, а откако починала мајка ѝ, и со нејзината ќерка склучила ист договор, информираат од МВР.

Дополнително, првопријавениот и второпријавената вршеле плаќања за себе и други лица за седници кои не биле одржувани, а исплаќале и еднократна финансиска помош на лица на кои не им следувала таква помош. Третопријавениот склучил договор за закуп на станбен простор во периодот додека траел огласот за изнајмување на станбен простор, односно без да бидат разгледани сите поднесени барања.

Тој во неколку наврати од службената сметка на својата трансакциска сметка си исплаќал парични средства, а извршил и незаконска исплата на парични средства на правно лице за наводно извршена угостителска дејност.

Со овие дела првите тројца пријавени го оштетиле буџетот на Здружението во вкупен избнос од 297.730 денари, а на четвртопријавената ѝ овозможиле да се стекне со противправна имотна корист од 88.234 денари.