Одложено судењето за екс директорот на Комунална хигиена
Поранешниот директор на Комунална хигиена, Сабахудин Рустеми, седна на обвинителната клупа во кривичниот суд.
Обвинет е дека во текот на октомври спречил навремено собирање на сметот, а главниот град тонеше во ѓубре. Обвинителството гледа вина и кај управителот за отпад во претпријатието, Аки Саити, па двајцата ги гони за загрозување на животната средина со отпад.
За ова кривично дело, предвидена е казна затвор од една до десет години. По предлог на адвокатите, стартот на судењето беше одложено за 26 март. Судот заради објективни причини не бил во можност да овозможи увид во предметот, а како што тврди одбраната, од тоа зависело произнесувањето за вина.
„Неопходен е увид во доказниот материјал кој што е доставен со обвинителниот акт, а од тоа зависи каква теорија одбраната ќе завземе во делот на главната расправа кога треба обвинетите да се произнесат дали се виновни или не за кривичното дело кое им се става на товар“, изјави Асмир Алиспахиќ, Адвокат.
Рустеми и Саити, според обвинителството со умисла не ги спроведувале плановите за управување со комуналниот отпад, дополнително, и не се грижеле за исправноста на опремата и уредите за собирање на сметот. Така, двајцата обвинети овозможиле да се создадат депонии на јавни и сообраќајни површини, наведуваат од обвинителството.
„Ќе направиме увид, ќе видиме за каква сметководствена евиденција станува збор , за каков доказен материјал од областа на работењето на ЈКП станува збор“, вели Алиспахиќ.
Во последните неколку месеци во мандат на Рустеми, постојано имаше проблем со редовното собирање на сметот во Скопје, а во периодот меѓу двата изборна круга за локалните избори, ниту еден контејнер не беше испразнет, па цели тротоари беа затрупани со ѓубре.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
