Вајц: Потребен е итен напредок во уставните измени и итни реформи
Во Македонија е потребна итна политичка волја да се реши застојот со уставните измени, нагласува известувачот за нашата земја Томас Вајц во прелиминарните заклучоци од Извештајот за напредокот кој ќе го презентира на 26 февруари.
Не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради загриженост за можни понатамошни блокади на билатерална основа или барања од соседна земја. Постои итна потреба од зголемена политичка волја од двете страни за надминување на овој ќорсокак. Во време на длабоки промени во меѓународниот поредок што Европа ги знае, особено во однос на агресивната војна на Русија против Украина, невидената неизвесност околу иднината на трансатлантскиот сојуз и пошироките закани за меѓународниот поредок заснован на правила – од суштинско значење е Европа да остане обединета. Нема простор за двосмисленост.
Според Вајц, Македонија во момемтов се наоѓа во тешка позиција, бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, сепак реформите во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата се недоволни.
Во забелешките стои дека нема прогрес во спречуањето на корупцијата која е присутна во многу области. Бара да има истраги и разрешници во случаи со висока корупција кои ќе служат за пример дека нема неказнивост.
Во овој геополитички контекст, можат да се појават можности за оживување и забрзување на процесот на пристапување. Сепак, тој процес ќе остане заснован на заслуги и цврсто врзан за напредокот во фундаменталните области, особено владеењето на правото. Затоа од суштинско значење е сите политички актери во Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области без понатамошно одлагање, нагласи Вајц.
Во нацрт-извештајот се поздравува напредокот за коридорите 8 и 10, но се посочува дека се потребни повеќе инвестиции во транспортот и енергетската инфраструктура, како и во животната среднина. Позитивно е оценета и усогласеноста со надворешната политика на ЕУ.
Тој бара од ЕУ исто така да ги исполни своите обврски и да ја поддржи Македонија во исполнувањето на обврските, но и Европскиот совет да гарантира без преод во следната фаза од преговорите штом Македонија ги исполни условите.
По презентирањето на нацрт-извешајот на 26 февруари, документот до април ќе биде разгледан од сите политички групи, по што следува гласањето за него во АФЕТ во мај, како и гласање на пленарна седница на ЕП пред летната пауза.
Од 2022та ова е втор Извештај на Вајц за напредокот на Македонија. Претходниот извештај Европскиот парламент го усвои без македонски јазик и идентитет.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
