Идните наставници ќе мора да имаат пракса пред да влезат во училиштата
Идните наставници и професори ќе мора да имаат пракса и да работат со децата уште во студентски денови. Токму тоа е главната причина зошто предлог-законот за високо образование не дозволува вонредни студии на наставничките факултети.
За ваква одлука пресудиле и лошите резултати кои во континутет ги имаат македонските ученици на ПИСА тестирањето.
-За да можат да се соочат со новите методи на предавања и комуникација со децата од прво до четврти клас тие мора да имаат пракса. А зошто? Зашто ни се последни на ПИСА. Да се први никој нема да ги дискутира наставничките факултети, вели министерката.
Денеска продолжува јавната расправа за предлог-законот кој предизвика бура реакции во јавноста. Министерката ќе ги слушне забелешките од професорите од битолскиот Универзитет Св. Климент Охридски.
И опозицијата, но и универзитетски професори критикуваа дека со него се нарушува автономијата на факултетите, се фаворизираат старите професори со заострувањето на критериумите за напредување за што клучно ќе биде објавувањето на научни трудови во меѓународни списанија со импакт фактор, како и ревидирањето на одредени студиски програми на факултети.
Јаневска е убедена дека овие решенија ќе придонесат до повисок квалитет во високото образование. Тоа според неа, ќе доведе до тоа, конечно еден од универзитетите да се најде на престижните ранг листи, како Шангајската, но и дека ќе ги натера средношколците, наместо во соседството, образованието да го продолжат дома.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
