Сериски убиец во Старо Нагоричане!?
25 годишник од селото Драгоманце во општина Старо Нагоричане осомничен е како можен сериски убиец. Кумановското обвинителство го поврзува со убиство на 78 годишна жена од Челопек, но се истражуваат и други случаи во кои жртви се жени во Старо Нагоричане. Жената која е мртва пронајдена пред една недела живееала сама во куќа покрај главниот пат во селото, но за истрагата се уште е нејасно кога точно 25 годишникот посегнал по нејзиниот живот.
Според обвинителството, настанот се случил во перидот од 27 јанури до 12 февруари. Но, во тој временски интервал, на помалку од 500 метри нападната била уште една жена во селото. Минатиот понеделник, среде бел ден околу 14 часот, во домот на Росанка Трајковска влегло лице кое се нафрлило врз 85 годишната жена. Почнал да ја дави и да ја удира по главата, а модринките по нејзините раце сведочат за борбата со напаѓачот.
Според нејзиниот син, напаѓачот е 25 годишникот кој e во притвор како осомничен за убиството на нивната сосетка. Според негови пријатели, истиот ден лицето било забележано во близина на нивниот дом, а подоцна и во близина на куќата во која е пронајдена мртва 78 годишната жена.
Од обвинителството се сомневаат дека 25 годишниот е можен сторител и на други убиства, па се проверуваат причини за смртта и на други жени од Старо Нагоричане. Направена е ексхумација на жена од околу 40 години која била почината пред околу еден месец.
Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат.
Обдукцијата е завршена во институтот за судска медицина се чекаат резултатите од ДНК анализи кои треба да откријат дали и таа жена била жртва на 25 годишникот.
Траги од осомничениот 25 годишник биле барани и кај старицата која го преживеала нападот. Извештајот од обдукцијата ќе се споредува со резултатите од ексхумираната жена, но, и трагите пронајдени во домот на починатата. Сите овие докази треба да обезбедат поткрепа на сомнежот кај обвинителството дека зад решетки е ставен сериски убиец.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
