Уништен еден тон небезбедна „здрава“ храна
Етикетата здрава храна сe почесто се доживува како гаранција за квалитет. Но, последните засилени инспекциски контроли на АХВ покажуваат дека зад полиците со јаткасти плодови, суво овошје и разни природни производи, не секогаш стојат и безбедни услови за потрошувачите.
Агенцијата изминатава недела уништи еден тон небезбедна храна од 14 продавници за здрава храна од речиси 400 направени контроли.
Наместо очекуваниот стандард, инспекторите во дел од нив затекнале производи со изминат рок, меѓу кои и намирници што граѓаните најчесто ги купуваат поради здрава алтернатива како бадеми, ореви, лешници, суви смокви, урми.
Кај дел од операторите биле пронајдени и производи без јасно потекло, додека други работеле без да бидат воопшто регистрирани како оператори со храна. Во одредени случаи, храната била несоодветно декларирана, што значи дека потрошувачите немале точни информации за составот, рокот или начинот на чување на производот што го купуваат.
Од Агенцијата апелираат граѓаните да внимаваат при изборот на вакви производи, бидејќи ознаката здрава не секогаш значи и дека храната е безбедна за употреба. Проверка на декларацијата, рокот на траење и условите во кои се чува производот остануваат клучни чекори за заштита.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
