Два големи јубилеја во Прилеп - 100 години „Прилепски мечкари“ и 25 години Карневал Прочка
100 години „Прилепски Мечкари“ и 25 години Карневал Прочка. Овие два значајни јубилеа ги одбележуваат годинешните карневалски празнувања во Прилеп кои започнаа во петокот. Денеска е главното дефили во центарот на Прилеп каде продефилираа маски од Прилеп, голем број градови од Македонија, но и од странство. Годинава повторно се врати меѓународниот предзнак на карневалот.
„Ова е свадба, имаме поп, звончари кои со своите ѕвонци ги бркаат лошите духови и злото од куќите на луѓето“, велат гостите од Бугарија.
„Пред неколку години бевме тука, а инаку сме од Врњачка бања Србија, маската ни се вика „Летечки диско верверички“, кажаа гостите од Србија.
Прилеп не би бил Прилеп ако сите актуелни општествени ситуации не ги помине низ призмата на мајтапот.
„Јас сум Итар Пејо и сега тука ќе обучувам како магариња да добијат возачи испит. Како да се управува со дрвена кола, со воловска кола, како се ора, сето тоа е идеја на Итар Пејо да се добие право да се вози.
А Итар Пејо знае да вози, има возачка дозвола?
Е тоа ќе оцени стручна комисија“, вели Горан Ржаникоски, здружение „Прочкари“ од Прилеп.
Мечкарите кои одбележуваа 1 век постоење и се иницијатори и организатори на карневалот најрадосни се дека имаат подмладок.
„Ја продолжуваме традицијата на старите касапи, а ќе се продолжи и понатаму.
Имате кој да ја продолжи?
Да, имаме еве само тука има 7-8 мали мечкарчиња кои се преправаат од деца и ќе ја продолжат традицијата“, вели Тони Павловски, Прилепски Мечкари.
Поради двата значајни јубилеа, денеска Прилеп го посети и претседателот на Европската асоцијација на карневалски градови, Ларс Алгел.
„Се надевам дека овие јубилеи ќе значат само поттик што понатаму треба да правиме и како да го развиваме овој Карневал, временските услови се одлични. Гледам тука дека скоро цел град е излезен да го проследи Карневалот, значи полека го враќаме духот на Прилеп“, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
„Навистина ми е голема чест што сум тука, бев исто така пред неколку години, гледма многу познати лица. А особено се свежи мемориите кога имаше Светска конвенција на карневалски градови и сум навистина сум среќен што направивте еден рестарт на карневаот“, изјави Ларс Алгел, претседател на Европската асоцијација на карневалски градови.
Карневалските случувања завршуваат утре на чист понеделник кога касапите даваат за ручек посен бел грав за сите посетители на манастирот Свети Ѓорѓија кај Прилеп.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
