Македонија
25. February 2026 - 16:43

Пропадна предлогот за минималец од 600 евра, функционерските плати ќе останат исти

Пратениците од власта и опозицијата без дебата се согласија да се намалат коефициентите за пресметка на функционерските плати. Тоа значи дека над илјада функционери и годинава ќе бидат платени исто како лани. Се менуваат шест закони кои ги регулираат платите на пратениците, избраните и именувани лица, јавните обвинители, судиите, како и членовите на советот на јавни обвинители и судскиот совет. 

- Сакам да нагласам дека дека ова законско решение е во согласност со Устав и е  единствено законско решение коешто може да влезе во Уставната рамка и потоа да не биде обжалено пред Уставниот суд – вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Со ова не се сложува Здружението на јавните обвинители. Тие утринава пред да почне седницата, побараа законот за нивните плати да биде повлечен. Велат дека се свесни за економската ситуација, но нивната плата не можела да биде намалена со закон или со одлука на државен орган, освен при утврдена дисциплинска одговорност.

- Функцијата јавен обвинител е неспојлива со извршувањето на каква било друга функција или дејност. Поради тоа, платата е единствен приход за јавните обвинители и таа се движи во распон од минимални помалку од 90.000 до максимални 130.000 денари – пишуваат од Здружението на јавни обвинители.

Поддршка добија и од претседателот на Советот на јавни обвинители. 

- Ова веќе секоја година процентот се намалува. До каде ќе одиме? Не зборувам за мене, зборувам за цела фела – рече Башким Бесими.

На собраниската седница воопшто не се спомна за нивното барање, но одговор добија од штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

- Наместо да земат и да работат на зголемување на онаа 2% доверба од граѓаните, тие исклучиво мислат само на плати. Но, ќе повторам се работи за мала група на луѓе коишто се под контрола на СДС и ДУИ, инаку и таму има многу чесни луѓе коишто за жал не можат да дојдат до израз од овие – кажа пратеникот Бране Петрушевски.

Предлог-законот за минималец од 600 евра вчера не помина на Комисијата за економски прашања, па денеска и на пленарна седница мнозинството го потврди ваквиот заклучок. Сепак, тоа не ги спречи власта и опозицијата повторно да се скараат во чие време било поскапо, а кога платите растеле повеќе.

„Растот на минималната плата е оправдан од социјален аспект, но мора да биде усогласен со растот на продуктивноста и реалниот капацитет на економијата“ – Петар Ристески, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ 

„Еден од факторите за зголемување на продуктивноста е мотивираноста на работниците. А еден од факторите за зголемување на мотивираноста е зголемување на нивната плата“ – Јован Митрески, пратеник на СДСМ

„Ајде да има трипартиден состанок на којшто ќе се договори едно заедничко решение. Ние тоа цело време го велиме“ – Малиша Станковиќ, пратеник на СПМ

„Мислите дека ќе го убедите премиерот да седне да разговара? Па тој јавно кажува дека не сака, ниеднаш не спомнал дека како премиер ќе седне и ќе разговара со работниците и работодавачите. Остава тие сами да се договараат. Значи, трипартиден договор нема“ – Соња Мираковска, пратеничка на НСДП

Мартовската минимална плата што се исплаќа во април, законски ќе се зголеми за околу 25 евра и ќе биде нешто над 420 евра. Сојузот на синдикати бара 600 евра минималец и раст на сите останати плати за 100 евра и поради тоа организираше еден протест и три блокади. ССМ даде рок за одлука до крајот на месецов, а во спротивно најави генерален штрајк.