Обдукцијата покажа дека и двете жени од Старо Нагоричане починале од насилна смрт
И втората жена на која и беше направена обдукција по ексхумацијата минатата недела починала од насилна смрт. Ова го покажал наодот на Институтот за судска медицина. Според неофицијалните информации од истрагата телото на жената на околу 40 години од Нагоричане за која исто така има сомнеж дека е жртва на 25 годишникот било прегледано од лекар пред да ја погребаат, но не јасно е како не биле забележани траги на насилство и не била побарана обдукција.
- Врз основа на информациите добиени во текот на истрагата, обвинителството нареди ексхумација на тело на уште една девојка, по ексхумацијата сега за сега можам да ви кажам дека смртта била насилна, меѓутоа обвинителството за брзо време ќе добие сите информации во пишана форма и од ДНК анализите и од обдукцијата и понатаму случајот ќе продолжи да го работи обвинителството согласно нивните надлежности, изјави проф. д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина.
Идната недела ќе бидат готови и резултатите од ДНК анализите на примероците земени од двете жени за кои истражните органи се сомневаат дека се убиени од 25 годишникот од Драгоманце. Иако помладата жена била погребана пред 1 месец на Судска медицина успеале да обезбедат доволно материјал за испитување кое треба да покаже дали и таа и 78 годишната старица од Челопек се жртви на истиот убиец.
- Земени се примероци и од осомничениот за ДНК испитување врз основа на кој ќе ги споредиме трагите од ДНК што се најдени на телата на двете засега обдуцирани жртви, рече професорот Станков.
Во меѓувреме од обвинителството информираат дека деновиве тим на експерти ќе направат психијатриска проценка на осомничениот.
- Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите, но во оваа фаза од постапката во интерес на истрагата не може да се споделуваат повеќе детали, велат од обвинителството.
Покрај овие две жени жртви неофицијално истражните органи се сомневаат дека 25 годишникот е сериски убиец кој извршил уште неколку вакви кривични дела, но за сега не се побарани други ексхумации.
Тој и претходно и бил познат на кумановската полиција по извршени тешки кражби. Од минатата недела е во притвор, а повозрасна жена пред камерата на Сител сведочеше дека највероатно и таа била нападната од истиот осомничен.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
