Македонија
9. March 2026 - 16:39

Дел од повредените од Пулс се уште одат на физикална терапија

Два тима, едниот во бели а другиот во црни дресови сите со бројот 63, на ден пред годишнината од големата трагедија во Пулс, во  училиштето Свети Кирил и Методиј Кочани ќе играат кошаркарски натпревар. Во тимовите ќе бидат повредените од пожарот а парите од влезниците ќе бидат наменети за спомен одбележје за 63-цата загинати.

А речиси една година од пожарот кој ја потресе јавноста, триесетина од повредентие се уште одат на физикална терапија а сите со изгореници го користат ласерот на Клиниката за кожни болести. Работната група во министерството за здравство бара начин како овие лица да бидат ослободени од плаќање на партиципација.

-Разговараме со работната група да најдеме начин како тоа да влезе во некоја од постојните програмите кои што ги имаме. Тоа ни е едно од ветувањата, лично мое и на Владата за да може да се реши тој проблем. Таа партиципација, колку и да е мала, треба да се отстрани со цел да може таа комуникација меѓу институциите и семејствата или граѓаните кои имаат некаков тип на барање на третман да можат да не плаќаат партиципација“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Со повредените од пожарот во Пулс се уште работат специјалисти по потреба а за естетски корекции лекарите велат дека е рано. Иако им било понудено не ја користат хипербаричната капсула во болницата во Кочани која беше донација.

-Тие ги прават третманите во хипербарична капсула во Штип и во болницата 8-ми септември која е скоро донесена. Тука капсулата им беше понудена но не сакаа да ја користат поради клаустрофобија и панични напади, вели д-р Катерина Паниќ Мирчовска, директор на болница Кочани.

Во пожарот на 16 март загинаа 63 лица а околу 200 беа повредени од кои најголем број беа транспортирани во странски медицински центри.