Македонија
9. March 2026 - 16:41

Муцунски: Враќањето на македонските државјани е бесплатно, уште два лета се организираат неделава

Експлозии и аларми за засолнување, ова постојано го слушале нашите државјани кои вчера се вратија од Дубаи. Опасноста да паднат остатоци од ракетните истрели била голема и не смееле да излегуваат надвор. Поголем број од групата која вчеравечер пристигна од Дубаи, беа семејства со мали деца, кои заминале на одмор.

Наместо звуци на бранови и одмор, македонците поминаа денови на неизвесност и под строги забрани за движење. Уште првиот ден биле контактирани од македонската амбасада која за цело време се грижела да бидат на безбедно.

Со првиот комерцијален лет беа донесени 151 патник од Емиратите, во најголем број македонски државјани но со овој лет беа вратени и неколкумина странси државјани за кои било побарано помош од македонското МНР. 14 лица се пријавиле а потоа не се појавиле на аеродромот, Муцунски порача да бидат одговорни и доколку побарале да се вратат да ги следат инструкциите од амбасадата.

Оваа репатријација ќе биде целосно бесплатна, утре пристигнува уште една поголема група.

Македонските ДКП-а имаа сериозни предизвици во евакуација на македонските државјани од Израел но и од Иран. Таков случај беше и фудбалерот Ашковски кој со помош на македонската амбасада во Турција беше успешно извлечен по копнен пат и пренесен во Турција по што оттаму се вратил во Македонија.

Во Израел има уште еден наш  државјанин кој побарал помош од амбасадата и за него се прават напори да биде вратен дома. Петмина Македонци кои беа таму во четвртокот беа извлечени по копнен пат до Египет од каде со владиниот авион се вратија во Скопје.