83 години од депортацијата на штипските евреи
Со комеморативна програма и полагање цвеќе, Штип денеска се потсети на трагичната судбина на својата некогашна еврејска заедница. Пред 83 години, во раните утрински часови, од еврејското маало биле собрани 535 штипски Евреи од 131 семејство. Тие најпрво биле однесени во Монополот во Скопје, а потоа, заедно со останатите Евреи од Македонија, депортирани во нацистичкиот логор на смртта Треблинка.
Депортацијата практично ја избришала еврејската заедница во Македонија, дури 98 проценти од тогашното еврејско население биле одведени во логорите на смртта.
-Депортацијата на штипските Евреи не е само еврејска историја, таа е дел од нашата заедничка историја и морална одгворност. Оние што беа одведени во март, 1943 година, не можеме да ги вратиме, но можеме да направиме нешто друго, да не дозволиме никој повеќе да биде оттурнат од човештвото, нека нивниот спомен не биде само минута тишина, туку трајна будност, изјави Маја Нану, член на УО на Еврејска заедница во Македонија.
Од Штип беше испратена порака дека сеќавањето на оваа трагедија е и опомена за иднината.
-Општина Штип секоја година со почит и достоинство се сеќава на нашите сограќани Евреи, но ова сеќавање не е само церемонија, тоа е орака дека историјата не смее да се заборави и дека злото што се случило никогаш не смее да се повтори, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Покрај споменикот во центарот на градот, еврејските гробишта остануваат уште еден тивок сведок за заедницата која некогаш била важен дел од животот во Штип.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
