Една година затвор за насилникот што ја претепа бремената партнерка до онесвестување и ја будеше со вода за да продолжи
Една година затвор доби 21 годишникот кој во февруари ја претепа неговата бремена партнерка, а кога таа се онесвестила од повредите, со ладна вода ја освестувал за да продолжи со насилството.
Тој во судот во Свети Николе признал вина и доби неправосилна казна затвор од една година за кривичните дела телесна повреда и противправно лишување од слобода. Обвинителството поднесе жалба на пресудата.
Според обвинението, во текот на два дена во февруари, во домот во Свети Николе, 21-годишникот од Сармзалино најпрво ја понижувал и навредувал својата бремена партнерка, а потоа насилството прераснало во тепање. Ја удирал повеќепати со тупаници, се додека таа не паднала во несвест.
Наместо да побара помош, ја однел во бањата, ја освестил со ладна вода и продолжил да ја удира со боксови. Кога се обидела да се спаси и да избега, ја затворил во спалната соба, и го одзел телефонот и ја држел заклучена 15 часа.
-Обвинетиот се наоѓа во притвор од 20.02.2026 година од 17,00 часот и истиот се продолжува до правосилноста на пресудата односно до започнување на издржување на казната затвор но не подолго од 60 дена. Странките имаат право на жалба на оваа пресуда и до овој момент против донесената пресуда само ОЈО Свети Николе има поднесено жалба, соопштија од судот.
За помалку од две недели пак започнува судењето за Стојанче Јовановски кој е обвинет дека ја навел неговата сопруга Ивана да се самоубие заедно со нивната ќерка, за матретирање и семејно насилство и за загрозување на сигурноста. Првото рочиште е закажано за 30 март во Кривичниот суд во Скопје.
По трагичниот настан и стапувањето на сила на Кривичниот законик, МВР почна да ги приведува насилниците и по службена должност, односно и кога жртвата нема да го пријави насилникот или ќе ја повлече пријавата.
Но колкави казни се потребни за насилниците, за да го поминат процесот на ресоцијализација за во иднина да не го повторат делото?
Од аспект на казнената политика, апелационата судијка Габриела Гајдова, вели дека без да навлегува во конкретни случаи, кратките затворски казни од 5-6 месеци не оставаат простор за вистинска ресоцијализација на сторителите.
Според неа, во одредени случаи не е доволна само висината на казната, туку што прави државата и какви мерки презема да ги превоспита сторителите, за во иднина да не го повторат насилството, како што е пробациската служба, која подрразбира континуирана контрола, задолжителни средби со стручно лице и работа на промена на однесувањето.
-Според мене многу поефикасно би било наместо на некого да му се изрече казна затвор во траење од пет месеци, во коишто не постои реална можност тој да се превоспита и да се ресоцијализира, да му биде изречена условна казна со заштитен надзор, со обрска како сторител на семејно насилство, да посетува пробациска служба во период од пет години, којшто би бил доволен да се врши негово превоспитување и ресоцијализација, затоа што во рамките на пробациската служба работат лица од различни профили, социјални работници, правници итн.
Според судијката Гајдова, за полесните кривични дела каде законот предвидува поблаги казни до три години, праксата покажува дека им се изрекуваат условн казни които не можат да влијаат воспитно врз нив. Во тој случај, лично смета дека подобрата опција е да се определи условна казна со зашитен надзор.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
