Над јужен Израел паднаа ирански ракети: Израелците возвратија со контра напад кон иранската револуционерна гарда
Над јужен Израел паднаа ирански ракети. Тешка вечер за жителите на градовите Арад и Димона кои беа погодени. Десетици луѓе, вклучително и деца, се повредени. Иранската Револуционерна гарда тврди дека нападнала воени цели, но стравот меѓу цивилите е огромен. Израел веднаш возврати, гаѓајќи објекти на Гардата.
Иран сака да убива цивили, предупреди израелскиот премиер кој денеска го посети Арад.
„Ако ви треба доказ дека Иран го загрозува целиот свет, последните 48 часа го покажаа тоа. Во последните 48 часа, Иран таргетираше цивилна област. Тие го прават тоа како оружје за масовно убиство. За среќа, никој не беше убиен, но тоа е поради среќа, а не поради нивната намера. Нивната намера е да убиваат цивили“, изјави премиерот Нетанјаху.
Војната не се води само со ракети, туку и со заканувачка реторика на социјалните мрежи. Претседателот на Иранскиот парламент предупреди дека важна инфраструктура и енергетските објекти на Блискиот Исток би можеле да бидат „неповратно уништени“ доколку бидат нападнати иранските електрани.
Повеќе од 2.000 луѓе загинале во Иран откако САД и Израел ги започнаа нападите. Во Израел, 15 лица загинале во иранските напади од почетокот на војната.
Најмалку пет лица се повредени и итно пренесени во болница по силна експлозија која денеска уништи две згради во Истанбул. Според првичните информации причина за несреќата, која се случила околу 12 часот, е дефект на инсталацијата за природен гас.
Експлозијата била толку силна што предизвикала целосно уривање на двата објекти и оштетувања на околните згради.
На терен се бројни екипи на полицијата, противпожарни возила и медицински тимови кои продолжуваат со пребарување на теренот. Иако пет лица веќе се спасени, спасувачките операции продолжуваат за да се потврди дека нема други заробени под бетонските блокови.
Словенија денеска гласа на редовни парламентарни избори. Над 1,7 милиони граѓани избираат нов состав на нивното Собрание, познато како Државен збор, а главната битка се води за тоа кој ќе биде идниот Премиер на земјата.
Гласачките места беа отворени во 7 часот наутро. Словенците избираат вкупно 90 пратеници – 88 од партиските листи и двајца претставници на италијанското и унгарското малцинство.
Во фокусот на јавноста е директниот дуел за премиерската функција меѓу двајца клучни политичари. Роберт Голоб – актуелниот премиер и лидер на либералното „Движење Слобода“, кој бара нов мандат за продолжување на европскиот и социјален курс.
Се бори против кандидатот Јанез Јанша – ветеранот на десницата и лидер на СДС, кој со своето долгогодишно искуство ветува стабилност и национална безбедност.
Иако граѓаните гласаат за пратеници во Собранието, токму бројот на освоени мандати ќе одреди кој од нив двајца ќе ја формира идната Влада.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
