Македонија
28. March 2026 - 16:38

Секој трет Македонец е гојазен

Секој трет граѓанин во државата се соочува со сериозна здравствена дијагноза дебелина. Оваа бројка не е само статистика, туку аларм за националното здравје. Министерството за здравство предупредува дека дебелината е хронична болест која со себе влече над 200 придружни заболувања, каде дијабетесот тип 2 и кардиоваскуларните проблеми се само врвот на ледениот брег.Како одговор на оваа состојба, државата ја шири мрежата на центри за третман. По Скопје, неделава и во охридската болница е отворен првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион.

„Во таа насока е посебно значајно функционирањето на центрите за третман на дебелина на Клиниката за ендокринологија и во ГОБ „ 8ми септември“. Неделава и во охридската болница е отворен првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион. Министерството продолжува со мерки за поддршка вклучително преку активностите од програмата за обезбедување инсулин, глукагон,инсулински игли, ленти за мерење шеќер,со посебен фокус на едукацијата за третман и контрола на дијабетесот, имајќи предвид дека обезноста е тесно поврзана со дијабетес тип2.“ истакна министерот на стручниот симпозиум во организација на научното здружение за обезност ОБЕМ.

Брзиот начин на живот и лесната достапност до преработена храна се покажаа како најголеми непријатели на јавното здравје. За нутриционистите решението не се краткотрајни кампањи или рестриктивни диети туку темелна и системска едукација која ќе ги промени навиките од корен.

Ристеска вели македонската кујна е богата со храна со голем број нутритивни вредности но недостига соодветна едукација која треба да почне од најмала возраст и да биде прилагодена на модерниот начин на живот.