Македонија
7. April 2026 - 16:35

Уапсени 8 дилери на кокаин

Бирото за јавна безбедност и полицијата влегоа во нарко подземјето. Според неофицијалните информации засега се уапсени осум дилери на кокаин, кои имаат дебело досие за продажба на дрога како во Македонија, така и во европските земји. Се вршеа претреси во Грчец, Струмица и Штип на околу 15 локации.

Меѓу приведените се и звучни имиња, како Веле Петрушевски Бикот, кој веќе има одлежано четиригодишна затворска казна во Виена за продажба на кокаин. Полицијата приведе и роднина на нарко босот на Грчец, Шеваљ Муареми, од каде и излегувал кокаинот во продажба.

Лишан од слобода е и Бранко Покрајчевалиев од Струмица кој според информациите повеќе од три децении се поврзува со трговија со дрога, а има одлежано и затворска казна во Шведска за транспорт на наркотици. Од струмичкото нарко подземје приведен е и Зоран Бојаџиски, кој претходно бил уапсен и во Турција и во Бугарија за транспорт на големи количества кокаин.

Според неофицијалните информации, кокаинот доаѓал од Грчец, а роднината на Шевањ Муареми им го доставувал за продажба на останатите уапсени.

Но официјални информации нема ниту од МВР ниту од БЈБ. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев кажа дека акцијата е синхронизирана со МВР и дека се уапсени дел од главните дилери на нарко подземјето.

Акцијата продолжува и денеска во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.