Македонија
8. April 2026 - 16:31

Аудио снимки од повици за помош на починатата Ивана и од сведоци на тепањето, пуштени денеска во судница

Голем број повици на 112 дека обвинетиот Јовановски ја тепа неговата почината сопруга Ивана беа презенитирани денеска во судницата. Обвинетиот го пријавувала и сопругата, и неговата мајка, сестра, соседи, сведоци кои гледале и слушале како тој физички ја малтретира. Со овие аудио снимки, но и со видеа од денот кога Ивана си го одзема животот заедно со ќерката Катја, обвинителството ќе докажува дека Јовановски ја тепал неговата сопруга, и ја нарушил сигурноста и ја навел да се самоубие.

Сите повици, направени во различни временски периоди, се карактеризираат со вознемиреност и барање итна интервенција од полицијата.

Во еден од повиците, мајката на Јовановски едвај и се слуша што зборува од викањето на малата Катја дека татко и ќе ја убие мајка и. Цветанка Јовановска во полиција пријавува обид за убиство.

Во позадина се слуша плачењето на Катја што е толку гласно што Цветанка не се слуша што зборува. Катја силно плаче и вика- Ќе ја убие мама. На прашање на операторот Што се случува таму, Цветанка одговара- обид за убиство. Катја го засилува плачот и викањето и силно извикува тато ќе ја убие мама. Цветанка кажува дека и детето е тепано.

Со затнати уши и наведната глава, Јовановски денеска седеше во судницата додека Обвинителството ја презентираше видео снимката во која Ивана, заедно со нивното дете, скока од шестиот кат од семејниот дом.

Еден од клучните докази, според Обвинителството, е повикот кој починатата го остварува на 112 критичниот ден, каде службите во реално време го слушаат и тепањето и заканите по живот кој Јовановски и ги упатува. Снимката е направена околу два часа пред да си го одземе животот. Дента го пријавува три пати.

Сакам да пријавам насилство од сопругот. Сабајле се јавив ама не зборев, но сега сакам да зборам. Пред судот сме со сопругот, ве молам дојдете побрзо”, плачејќи се јавува Ивана во полиција, неколку часа пред да се самоубие.

Беше презентиран и повикот на Јовановски на Брза помош, каде што вознемирен, со треперлив глас и викање, бара итно да пристигне помош и наведува дека жена и дете скокнале од балкон.

Судењето продолжува на 15 април.