Се повеќе пензионери, се помалку работници – Ревизорите предупредуваат пензинскиот систем е неодржлив
Речиси 700 милиони евра минатата година од државниот буџет биле префлени на сметка на фондот за да можат да се исплатат пензии. Годинава се очекува овој износ да биде поголем.
Државниот завод за ревизија во денешниот извештај предупредува – без реформи пензискиот систем е неодржлив. Зголемување на старосната граница за пензионирање и прилагодување на стапката на придонеси, бидејќи пензиите растат, а тоа не е поткрепено со зголемување на придонесите и на вработеноста – се дел од препораките на ревозорите
Населението забрзано старее, бројот на пензионери расте, додека има се помалку работници. Прогнозите се дека до 2055 година, секој трет жител ќе биде пензионер.
- Демографските проекции за нашата држава се негативни односно учеството на лицата над 65 години ќе се искачи на над 34% до 2055 година, бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќе од шест пати во однос на состојбата во 2024 година, додека работоспособното население ќе се намали за речиси половина милион лица, што дополнително ќе ги засили притисоците врз јавните финансии, стои во ревизорскиот извештај
Преземените мерки и активности од надлежните институции не се доволни, предупреди вчера и главниот државен ревизор.
- Имаме загрижувачки податоци во делот на работоспособното население, загрижувачки податоци во делот на сместувачки капацитети и нега на стари лица и слично, податоци што укажуваат на потреба од интензивни реформи во пензискиот систем, бидејќи од една страна имаме поголем број на корисници на пензија, а од друга, помал број на вработени, изјави Максим Ацевски, главен државен ревизор
Извештајот утврдува и дека државата недоволно се грижи за старите лица. По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата 6 години нема донесено нов сеопфатен стратешки документ. Услугата помош и нега во домот ја користат помалку од 1% од лицата над 65 години, а во 31 општина во државата пензиониерите воопшто немаат ваква можност.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
