Македонија
11. April 2026 - 16:32

Комитетот на ООН утврди - Бугарија неосновано одбива регистрација на македонски здруженија

Бугарија одбива регистрација на македонски здруженија без правно објаснување.

Комитетот за човекови права на ООН утврди дека Софија го прекршува правото на слобода на здружување и ја повика земјата ги преиспита пресудите на домашните судови и во рок од 6 месеци да поднесе делален извештај до Комитет за превземените активности.   

Во конкретниот случај Комитет разгледувал индивидуална жалба на коосновач на разни непрофитни организации на етнички Македонци, кој иако ги доставил сите потребни документи за регистрација на здружението, од бугарските судови добил негативна пресуда без никакво правно објаснување.

Постоењето на здруженија кои мирно промовираат идеи за толеранција и коегзистенција на различни етнички групи мора да биде заштитено, дури и ако нивните ставови не ги делат властите или мнозинството од населението. Овој случај, исто така, ја илустрира клучната улога што ја игра судството во овозможувањето на остварувањето на правото на слобода на здружување. Заштитата на владеењето на правото е неразделна за демократското општество, а правата на Пактот би биле теоретски без цврсти судски гаранции и пристап до ефикасни правни лекови, е ставот на дел од членовите на Комитетот

Премиерот Мицкоски вели – ова е уште една потврда на исправните политики кои се водат изминатите речиси 2 години, но не очекува суштинска промена на ставовите на Бугарија без силна реакција од ЕУ.

Јас не очекувам дека ќе има ефект врз политиката кај нашиот источен сосед, освен ако не се вклучи силна, робусна акција од Брисел. Секој што верува дека со промена на Уставот или со отстапки ќе се решат проблемите – се лаже. Тоа е или неразбирање на политиката или свесно оттурнување на националните интереси, изјави Мицкоски.

Дека Бугарија неосновано одбива регистрација на македонски здруженија има утврдено и Европскиот суд за човекови права со 14 пресуди кои Софија одбива да ги спроведе.