Македонија
12. April 2026 - 16:32

Државниот врв го честиташе Велигден - воскресението Христово да биде поттик за уште поголемо разбирање

Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на солидарноста и заемната почит, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која вчеравечер присуствуваше на централната велигденска литургија во Охрид.

Велигден не е само празник на верата, туку и симбол на надежта, обновата и победата на животот над искушенијата. Тој нè потсетува дека по секоја темнина доаѓа светлина, по секој предизвик – нов почеток, а по секоја жртва – заслужена надеж, стои во честитката на премиерот Мицкоски.

-Свесен сум дека постојат неизвесности и предизвици, но нашата определба е јасна, да продолжиме со одговорни политики, да ја зајакнеме економијата, да го заштитиме животниот стандард и да создадеме сигурна иднина за сите, пишува Мицкоски.

Велигден на православните христијани им го честиташе и спикерот Гаши.

-Велигден е празник што носи пораки на надеж, духовна обнова и зацврстување на вербата во доброто, човечноста и заедништвото. Во овие празнични денови, кога се слават љубовта, солидарноста и меѓусебната почит, уште еднаш се потврдува значењето на вредностите што нè поврзуваат како општество и нè упатуваат кон заеднички напредок.

Велигден е празник кој ни дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци, за справување со предизвиците, напиша и лидерот на СДСМ.

-Овој голем христијански празник дава духовна сила и повикува на добрина, човечност и заедништво - вредности што се патоказ за праведно и солидарно општество. Со верба и со надеж за нови почетоци, да го надминеме секој предизвик и да создадеме иднина каква што заслужуваат нашите граѓани, стои во честитката на Филипче.

Скопскиот градоначалник пак утрово присуствуваше на централната литургија во Соборниот храм.

Големиот христијански празник Велигден го честитаа и политичките партии.