Победа на животот над смртта, православните христијани го слават Велигден
Ако Христос не воскреснеше, залудна ќе беше нашата проповед, и празна ќе беше нашата вера. Но Хростос Воскресна и со смрт, смрта ја победи. Овие зборови на Апостолот Павле и две илјади години подоцна се суштината на денешниот празник, кој се славеше синоќа и утрово.
Велигден е празник над празниците, смисла и суштина на Христијанската вера. Воскресението Христово е победа над теминината и нова светнина на радоста. Затоа, според преданијата, тој е и најрадосниот празник.
Неговото чествување почна пред полноќ, кога со запалени свеќи верниците и свештениците по троен опход го прогласуваат Христовото Восресение. Централната литургија во Скопје беше во Соборниот Храм Свети Климент Охридски предводена од архиепископот охридски македонски г.г. Стефан.
И утринава Соборниот храм беше преполн со верници кои присуствуваа на велигденската литургија и се причестија. Запалија свеќи, се помолија за здравје, а празникот во многу македонски домови ќе се одбележи со свечен ручек, кршење со велигденски јајца и желби за благосостојба.
Со пораки за љубов, мир и надеж, верниците го прославуваат Велигден, празникот што потсетува на силата на верата и новиот почеток.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
