Петмина сведоци не се појавија на судењето за „Пулс“
Ниту еден од петтемина сведоци повикани на судењето за Пулс, денеска не дојдоа во судница. Сите биле гости кобната ноќ кога се случи пожарот, па дел со медицинска документација се правдале дека заради силни трауми имаат душевно заболување и не можат да дадат изјава пред судот, други пак биле недостапни. Поради тоа, обвинителството најави дека ќе побара психијтариски вештачења за двајца од сведоците, за другите пак предложи да ги обезбедени судот.
„Иако ќе се чекаат психијатриските вештачења, уште денеска одбраната најави дека нема да прифати читање на нивните искази дадени во текот на истрагата.. Велат, ако сведоците и тогаш имале душевни заболувања, нивниот исказ не може да се смета за релевантен“
Според адвокатите, трауми имале и обвинетите, па прашаа дали ако обезбедат медицинска документација може и тие да не доаѓаат на судењата?
Рочиштето продолжи со читање на изјавата на Денис Даутовски кој до октомври 2024 година бил менаџер на групата ДНК. Моментално работел и живеел во Германија, па денеска се читаше исказот кој го дал во текот на истрагата. Кажал дека прскалките ги набавил Панчо, а пред трагедијата истите биле користени на настапи во Штип, Скопје и Гевгелија.
Достигнувале височина од 1,8 метри и биле со барутно полнење заради што создавале и топлина. Според Даутовски, прскалките употребени во Кочани, изгледале поразлично од тие што бендот претходно ги користел.
„Прскалките се активираа на одредена нумера, најчесто на песната, „Што сака нека биде“. Се користеа по две прскалки. При договарање на настапите, употребата на пиротехника беше најавувана кај сопственикот на локалот, а дали и кај некои надлежни институции, не знам“, кажал Даутовски во текот на истрагата.
Судењето продолжува во понеделник, ќе сведочат вработени во општина Кочани.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
