Минчев: Модерна јавна администрација за побрза интеграција во ЕУ
Со сеопфатна реформа на јавната администрација, Македонија создава ефикасни, професионални и европски институции кои ќе одговорат на барањата на граѓаните. Ова пред своите колеги од Западен балкан и претставниците на Европската унија го истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев кој овие два дена учествува на министерската конференција во рамки на Берлинскиот процес која се одржува во Црна Гора.
Минчев рече дека патот до ЕУ не подразбира само усогласување на законите, туку и градење на институции со професионална јавна администрација.
Професионализацијата на јавната администрација, како што рече Минчев, е во фокусот на ресорното министерство. Донесени се законите за административни службеници и вработени во јавниот сектор, а во финална фаза е и законот за високи раководители во органите на државната управа. Се воведува и Академија за обука на државни службеници која ќе овозможи континуирана обука, унапредување на интегритетот и дигиталните вештини.
Реформите во јавната администрација и нивната имплементација беа во фокусот на средбата меѓу министерот Минчев и директорката за Западен Балкан во Европската комисија, Валентина Суперти, одржана во рамки на министерската конференција во Будва.
Станува збор за продолжение на дијалогот што претходно се водеше во Брисел, при што двајцата соговорници разменија мислења за натамошно унапредување на реформските процеси и остварување на стратешката цел, членство во ЕУ.
На Маргините на министерската конференција, Минчев ќе оствари билатерални средби и со претставници на министерствата за јавна администрација на Италија, Грција и Косово.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
