Македонија
27. April 2026 - 12:14

Дојран ја подготвува првата инклузивна плaжа во државата

Дојран ќе ја добие првата инклузивна плажа во државата, со што Дојранското Езеро ќе стане подостапно и за лицата со попреченост. Проектот предвидува современи решенија за безбеден и самостоен пристап до водата, вклучително и специјален систем за влез, пристапни патеки, прилагодени тоалети, соблекувални и тушеви, како и амфибиска инвалидска количка што ќе овозможи непречено користење на езерото. Според најавите, инклузивната плажа ќе биде лоцирана во централниот дел на Стар Дојран.

Инклузивната плажа ќе се реализира преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во рамки на проектот „Пристапност и инклузија за сите до јавните туристички добра и услуги“. Проектот е дел од програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција. Вкупниот буџет изнесува близу 1, 5 милиони евра  евра, од кои над 350 илјади евра се наменети за активности на македонска страна.

Покрај уредувањето на плажата, проектот предвидува и подобрување на мобилноста преку специјално опремено возило и мобилна апликација за превоз, како и електрични возила за разгледување туристички локации. Воедно, ќе се воведе аудио систем за насочување, пристапни информативни знаци и унапредување на пристапноста на поголем дел од објектите. Дел од активностите вклучуваат и набавка на 18 мобилни рампи, кои ќе бидат распределени низ сите десет општини во Југоистокот и ќе се користат по потреба на различни локации, со што ќе се обезбеди поголема пристапност за сите посетители.