Македонија
2. May 2026 - 16:48

Грција привремено го суспендираше системот ЕЕС

Грција приврмено го суспендираше системот ЕЕС за првомајските празници, тврдат патниците кои решија за продолжениот викенд да одморат покрај море. Граѓаните велат дека поминале без скенирање и без земање отпечатоци од прстите. 

„Еве еден позитивн апдејт од Евзони од 30-ти април: Грците не не тераа да даваме отисоци, така да и покрај тоа што имаше 7-8 коли пред нас, многу брзо поминавме граница“, пишува граѓанин во групите на социјалните мрежи. 

Информации се споделуваат и во Вибер групата „Грчка Инфо“.

„Утрово влеговме во Грција и беше ненормална гужва, чекавме 2,5 часа и кога дојдовме на ред имаше само контрола на пасошите“, пишува друг граѓанин.

„Ние синоќа, околу 1 часот бевме во 4-иот автобус по ред на Евзони, поминавме за нешто повеќе од еден час, ЕЕС работи, но беа отворени повеќе пунктови. Побрзо поминавме отколку за Велигден“ – тврди друга патничка.

Но се уште останува непознато дали Грција ќе го укине новиот систем за Македонците во летната сезона. Последно, од Туристичко-угостителската Комора велат дека официјален одговор ќе добијат после 15 мај. 

Во зависност од одговорот на грчките власти можни се две сценарија. Ако се изземат Македонците од новиот европски систем ќе се избегнат долги чекања на граница во екот на туристичката сезона. Но ако одговорот е негативен, се очекуваат огромни гужви, километарски колони и повеќечасовно чекање на граничните премини, што значително ќе го отежне патувањето кон летувалиштата.

Од туристичките агенции очекуваат долгите чекања да бидеат причина за граѓаните да летуваат во земја што не е во ЕУ или Шенген.  

Грчките власти веќе официјално го суспенцираа системот за Британците, земајќи го во предвид фактот дека 5 милиони годишно уживаат на Егејското море.

Денеска доаѓа и информацијата дека Србите постигнале дипломатски договор и за нив биде суспендиран системот во екот на летната сезона. 

Владата во Атина веќе соопшти дека ќе ги користи сите расположливи алатки од европската регулатива за да се справи со притисокот на границите.

- Регулативата ЕЕС (Entry/Exit system) им дава разни алатки и можности на земјите членки за справување со евентуалните зголемени притисоци на граничните премини. Во истиот контекст, Грција ќе ја оценува состојбата на поединечните гранични пунктови за влез и излез и ќе ја преземе соодветната мерка предвидена од горенаведената регулатива со цел, од една страна, да се опслужува зголемениот број патници, а од друга, да сме усогласени со правилата и барањата на регулативата, објасни портпаролот на Грчката Влада Маринакис. 

Сител побара одговор и од МНР дали нашите власти прават напори за македонските државјани да бидат изземени од системот за летната сезона, но одговор не добивме.