Вонредна седница на Владата: Продолжени се мерките за цените на горивата
Владата на вонредна седница ги продолжи мерките за цените на горивата. Намалените акцизи и повластеното ДДВ остануваат во сила и наредните две недели.
За бензините акцизата е скратена за 2 денари, а ДДВ-то и натаму ќе биде повластено и ќе изнесува 10%. Кај дизелот, пак, акцизата е намалена за 4 денари, но ДДВ-то е по редовна стапка од 18%.
Во понеделник истекува и важноста на попустот кој ОКТА им го даде на бензиските и тоа 2 денари за бензините и 3 за дизелот. Дали овој попуст ќе продолжи – преговорите со компанија се уште течат.
Инаку нафтата на светските берзи вчера застана на околу 109 долари за барел. Како оваа сума ќе влијае на македонските пумпи, ќе се знае задутре кога Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе нова одлука за цените на горивата.
Паралелно, Државниот пазарен инспекторат до среда спроведува засилени контроли во синџир-маркетите. Доколку се утврди неоправдано зголемување на цените, министерот за економија Дурмиши вчера најави дека ќе се преземат мерки.
Според него, засега нема основа за итна реакција кај цените на прехранбените производи, бидејќи минатиот месец трговците ја намалиле својата маржа за речиси еден процент.
Како една од можните интервентни мерки се разгледува и намалување на ДДВ-то за прехранбените производи од 5 на 0 проценти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
