Македонија
27. May 2026 - 16:35

Ќе се затрупува градежната јама за свлечиштето да не се прошири на околните објекти

Градежната јама во скопски Центар каде завчера се случи опасно свлечиште, ќе биде итно затрупана и вратена во првобитна состојба. Ова е една од клучните мерки донесени на вонредниот кризен состанок во Општината, свикан по инцидентот во кој за влакно беше избегната поголема трагедија.

Деканот на Градежниот факултет, Јосифовски, вели дека со оваа мерка се согласиле и градоначалникот и инвеститорот, со цел да се спречи понатамошно уривање на околната инфраструктура и загрозување на соседните згради.

Се донесоа некои интервентни одлуки и мерки што треба да се прави веднаш, се дадоа исто налози за тоа како понатаму ќе се постапува, така да во наредните денови ќе има разрешница. А што е најбитно, ние се потрудивме и како експерти да ги дадеме најдобрите совети за да таа состојба се санира и на таа локација да се санира и да немаме проширување на тој проблем на соседните објекти, од што и најмногу стравуваме. Да се затрупа едноставно градежната јама и да се врати во првобитна состојба, па од таму да се бараат понатаму решенијата, на што се согласи и градоначалникот и инвеститорот“, истакна тој.

Јосифовски предупредува дека кај нас сè уште нема соодветни правила кога станува збор за обезбедување на градежните јами. Практично, не постои задолжителен проект кој точно ќе дефинира како треба да се зацврсти земјиштето, како да се спречи лизгање на земјата и како да се заштитат соседните објекти додека трае градбата.

Дополнителен проблем е и недостигот од градежни инспектори, поради што контролите на терен често се недоволни.

Еве Општина Центар нема соодветен инспектор кој може да излезе на терен и да направи соодветен увид. Меѓутоа, со оглед на тоа што имав увид и во техничката документација конкретно за овој проблем, морам да кажам дека на терен работите не се изведени и заштитата не е направена согласно постојната техничка документација, што значи немало ни стручен надзор на терен. Значи, инженер со овластување кој е задолжен тоа да го прави, којшто имал шанса и да реагира и да бара да бидат изведени работите онака на терен како што се проектирани“, кажа Јосифовски.

Градилиштата не смеат да бидат оградени само со мрежа, вели деканот на Градежен. Тоа било дискутирано и на вчерашниот состанок. Просторот треба да биде заштитен со тврда преграда.

Во Скопје стана честа пракса местата каде што има градежни активности да се оградени само со паравани од мрежа кои се нестабилни и паѓаат при најмал ветер, па пешаците и велосипедистите кои ги користат тротоарите постојано внимаваат да не падне нешто врз нив или избегнуваат да поминат оттаму.