Македонија
10. јуни 2026 - 13:47

Николоски: Железничкото поврзување со Бугарија ќе биде завршено до 2031 година

Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце – Крива Паланка, се реализира со вкупен напредок од 36 проценти, а целото железничко поврзување со Бугарија се очекува да биде завршено до 2031 година, изјави денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при увидот во градежните работи на Коридорот 8.

Николоски, кој заедно со директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски ја посети трасата, посочи дека станува збор за еден од најсложените инфраструктурни проекти во државата, со должина од 34 километри, на кој се градат 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници и три подвозници.

Информираше дека по завршувањето на втората делница ќе следува изградбата на третата делница кон границата со Бугарија, за која веќе е објавен тендер за избор на надзорен орган, а во следните недели се очекува да биде објавен и тендерот за изведба.

Одговарајќи на новинарско прашање кога се очекува целосно да биде завршен проектот за железничко поврзување со Бугарија, Николоски рече дека целта е до 2031 година да биде завршена целата траса, вклучително и тунелот што треба заеднички да се гради со бугарската страна.

- Очекувам, согласно она што го ветивме, до 2031 година да ја завршиме целата делница, заедно со тунелот што заеднички треба да го градиме со Бугарија. Целта е во 2031 година проектот да биде завршен од двете страни, затоа што точно е дека од Софија до Ѓуешево постои железничка линија, но исто така е точно дека на најголем дел од трасата треба да се изгради нова или целосно да се реконструира постојната - рече Николоски.

Коридорот 8 е дел од европската транспортна мрежа што ги поврзува Јадранското и Црното Море, рече Николоски, нагласувајќи дека НАТО го има прогласено за втор најзначаен безбедносен коридор.

Прашан за сигнализацијата и електрификацијата на третата делница, Николоски појасни дека тие ќе се реализираат преку посебна тендерска постапка.

- Прво се спроведува тендер за изградба, а потоа се спроведува тендер за сигнализација и електрификација. Целта е системите што ќе бидат вградени да бидат најмодерни во моментот кога ќе се поставуваат. Доколку сега избереме одредено решение, а го вградуваме по пет години, постои можност во меѓувреме да застарее - рече Николоски.

Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека станува збор за делница која повеќе од три децении не бележела значајни активности и чија изградба е дополнително усложнета поради конфигурацијата на теренот.

- Се работи за вториот дел од пругата кон Бугарија со должина од 34 километри. Онаа пруга која што е започната уште во деведесеттите години и 30-тина година немаше никакви активности, сега интензивно се работи. Покрај сите овие неповолни услови проектот е со реализација од 37 проценти - рече Ивановски.

Активностите, додаде, се одвиваат на три главни сегменти – земјени и градежни работи, санација и доградба на 26 мостови изградени во деведесеттите години и изградба на 15 тунели. 

МИА

Ново на Сител