Македонија
10. јуни 2026 - 16:47

Крај на учебната 2025/2026 година и почеток на летниот распуст

Последниот училишен час го најави почетокот на летниот распуст. Илјадници деца заминуваат на тримесечен одмор. Учениците ги вратија книгите и ги испразнија клупите, а ги исполнија дворовите со насмевки, прегратки и планови за летото.

Во основните и средните училишта низ државата се слави 10-ти јуни, а посебно свечено беше за полуматурантите кои го завршуваат ова важно подглавје од својот живот. Во училиштето Љубен Лапе во скопски Аеродром владееше празнична атмосфера – со музика, зурли и тапани го означија крајот на наставата и почетокот на распустот.

Најмладите веќе со скроени планови за летото, си заминуваат со многу спомени со своите пријатели од изминатата година.

Летниот распуст за учениците трае до 31 август.

Последното ѕвонче го означи крајот на оваа година. А покрај летниот распуст, оваа година носи и една новина - дигитални сведетелства за учениците од прво до трето одделение, за првпат во македонското образование.

За овој процес обучени се над 20.000 наставници. Но за да се избегне случај некое дете да остане без сведетелство, надлежните оваа година избраа покрај дигиталните, децата до трето одделение сепак да добијат и хартиени. 

„Обезбедивме елетронски печати, обезбедивме како министерство електронски потписи и оваа година за да не се случи во некое учичиште можеби рурално, можеби некое помалку опремено децата да останат без сведетелства за овие три одделенија. Од следната година сите ќе бидат дигитални“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Директорите на училиштата оценуваат дека  овој чекор е големо олеснување на административните обврски за наставниците.

„Верувам дека родителите ќе ја прифатат оваа новина. Очекувам кај дел од родителите да има малку и отпор, меѓутоа ќе биде добро“, изјави за Сител Фоника Станоева, директорка на ОУ „Љубен Лапе“, Скопје.

Според пресметките на МОН, оваа учебна година се заокружува со подобар успех од претходната.

За  повеќе од 14 500 матуранти наставата заврши уште на 15 мај, а утре оние што се пријавени за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит - мајчин јазик. Полуматурантите овој месец се запишуваат и во средно образование. Сите останати без учичишни обврски ќе уживаат во летниот распуст.