Македонија
6. July 2026 - 16:34

Ангелов: 120 лица секој ден во секој момент да бидат подготвени за распоредување на пожарите

Секој ден во текот на летото, најмалку 120 доброволни пожарникари ќе бидат во состојба на готовност за интервенција при пожари. Нов модел на мобилизација денеска беше договорен меѓу Дирекцијата за заштита и спасување и доброволните противпожарни друштва.  Целта е полицијата и Армијата во делот на човечките ресурси да биде сведен на минимум, а примарниот товар во првиот одговор да го понесат професионалните и доброволните пожарникари, кои се веќе тренирани за гаснење на жаришта. 

„Наједноставно кажано, доколку имаме голем пожар, на пример во Штипскиот регион, ќе се јавам кај конкретното одговорно лице што денес го определивме и ќе побарам да упати одреден број доброволци кон местото на пожарот. Без разлика дали ќе бидат 10, 20 или 30 лица, тие веднаш ќе бидат мобилизирани и испратени на терен“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС

Тимовите за брз одговор при ДЗС добиваат дневници, што не е случај за членовите во доброволните противпожарни друштва. Имаат и големи трошоци, сервис и регистрација на возилата, но и заштитна опрема за гаснење.

„Најголемите предизвици, се надевам ќе се сложат и нашите колеги се системските пропусти кои мачат, финансирањето, обезбедувањето на опрема, увозот на возило, увозот на опрема, овде сме оданочени плаќаме, затоа државата треба сериозно да се зафати и да ги премине овие препреки“, изјави Злате Илиевски, ДПД Кочани. 

Со ребалансот на буџетот Ангелов вели дека ќе добие доволно пари за да бидат платени и доброволците ангажирани преку Тимот за брзо распоредување.

Во Македонија има регистрирани над 100 доброволни противпожарни друштва, но само 10-тина се поподготвени како со човечки ресурси, така со возила и опрема. И тие присуствуваа на денешниот состанок во ДЗС. 

Во Македонија од почетокот на месецов е прогласена кризна состојба, а издадена е и забрана за движење во шума.